ТРИ МЕЃУНАРОДНИ НАСТАПИ НА ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР ВО БУГАРИЈА И РУСИЈА

Истакнато Култура

Со претставата „Шумата на моето дрво“ од Сашо Димоски, во режија на Александар Ивановски, Театарот „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“ од Велес утревечер (15 мај) настапува на Интернационалниот театарски фестивал „Тара-ра-бумбиа“ во Благоевград, Бугарија. Во претставата која е во копродукција со независната театарска компанија „Северно од Импакт“ настапуваат актерот Васил Зафирчев и композиторот Сашко Костов …

Велешкиот театар својата меѓународна промоција ја продолжува на 17 мај, кога ќе настапи и на Интернационалниот театарски фестивал на претстави за деца „Волшебната завеса“ во Трговиште, Бугарија. Во Бугарија ќе биде презентирана претставата за деца „Волшебникот од Оз“ од Л.Френк Баум, во драматизација на Катерина Момева, а во режија на Александар Ивановски.

Во претставата настапуваат актерите Талија Настова, Фаик Мефаилоски, Васил Зафирчев, Марија Стефановска, Александар Велјановски, Маја Љутков, Кети Борисовска и Драгана Босниќ.

Интензивната меѓународна агенда Велешкиот театар ќе ја заокружи со гостувањето на Интернационалниот театарски фестивал „Руска класика – Лобња“ во Москва, Русија кое е предвидено за периодот од 25 до 31 мај. Пред публиката во Русија ќе се изведе комедијата „Вдовицата се мажи“ според „Мечка“ на А.П.Чехов во режија и адаптација на Младен Крстевски. Во претставата настапуваат актерите Марина Поп-Панкова, Васил Зафирчев и Младен Крстевски.