Триесет години од прогласувањето на Уставот на Република Македонија
Земјава денеска одбележува 30 години од донесувањето на првиот Устав на Република Македонија, првиот највисок државен документ по прогласувањето на независноста, Устав кој не ја содржи придавката Социјалистичка. Македонија, како една од шесте рамноправни републики во рамките на Југославија, својот прв Устав што означуваше и државност, го донесе во 1946 година, како највисок документ на тогашна Народна Република Македонија. Пред 30 години, на 17 ноември 1991 година, Уставот на независната и суверена држава беше донесен со гласовите на 93 пратеници во Собранието.
Работниот текст на Уставот го пишуваа професорите Владо Поповски, Љубомир Фрчковски и Лазар Китановски.
Според Уставот, општествено-економскиот и политичкиот систем на Републиката се засноваат на принципот на владеење на правото, човековите слободи и права, поделбата на власта, пазарната економија и другите темелни вредности на современото демократско општество.
Уставот е највисок правен акт и досега има претрпено неколку амандмански измени.
Последната беше во 2019 година кога македонското Собрание со 81 глас „за” ги изгласа четирите уставни амандмани за менување на уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа. Собранието го донесе и Уставниот закон за спроведување на амандманите.
Претходно, измени на Уставот беа направени и во 1992, 1998, 2001, 2003, 2005, 2009 и во 2011 година.

