|

ТУРЦИЈА: ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР ЗА ДЕСЕТИЦИ ОБВИНЕТИ ПУЧИСТИ

Во Анкара завршува главниот судски процес против лица обвинети за несупешниот обид за пуч во 2016 година. На обвинителна клупа се близу 500 армиски припадници. Турски суд денеска ги изрече првите 27 пресуди.

Суд во Турција денеска им изрече казни доживотен затвор на 27 лица за неуспешниот обид за државен удар во 2016 година. Тие се осудени за делата „обид за уривање на државниот поредок”, потоа „обид за убиство на претседателот” и извршени убиства. Во главниот судски процес за обидот за соборување на владата на Реџеп Таип Ердоган беа опфатени вкупно 475 обвинети.

Мнозинство од 27-те денеска осудени на доживотен затвор се офицери и пилоти, кои од воздух бомбардирале повеќе објекти во Анкара. Офицерите пак се обвинети за спроведување на пучот од воената база Акинчи. Се очекува наскоро да бидат соопштени и пресудите за останатите преку 400 обвинети лица.

Во обидот за државен преврат во јули 2016 година , според официјални турски наводи, биле убиени повеќе од 250 луѓе. Турската влада тврди дека двигател на обидот за пуч било движењето на исламскиот проповедник Фетула Ѓулен. Тој од 1999 година живее во егзил во САД и категорично ги демантира обвинувањата.

По неуспешниот обид за државен удар турската влада драстично го заостри односот кон опозицијата. Ширум земјата се поведени стотици судски постапки, уапсени се десетици ијади луѓе, отпуштени се десетици илјади вработени од државната администрација.



Слични Објави