„УБАВАТА ЏИЏИ“-БУГАРСКИ АВТОМОБИЛ НА АВТО-ИЗЛОЖБАТА ВО ЖЕНЕВА

Може да се очекува од соработката меѓу Италија и Бугарија, кога се работи за автомобили, да излезе нешто интересно. Италијанците се познати по својот сенс за естетика, а Бугарите сакаат секое нешто да биде во склоп со традициите.

Моделот Fornasari 311GT GIGI е токму тоа, спој меѓу естетиката и традицијата.

Бугарите можат да се пофалат дека на годинешната изложба за автомобили тие се претставени со автомобил што е целосно произведен во Бугарија. GIGI е проект разработуван 2 години, а е склопен во Софија под името Fornasari- италијанска фирма за производство на автомобили, којашто во моментот своето производство го има префрлено во Бугарија и Оман.

Голем дел од деловите за моделот 311GT се произведени во Бугарија. Двигателот е американски, работи на бензин и е со 8 цилиндри.

Автомобилот поседува моќност од 500 коњски сили и забрзува од 0 до 100 км/ч за помалку од 4 секунди. Максималната брзина, што може да ја достигне овој автомобил е околу 300 км/ч.

Поголемиот дел од купето е рачна изработка. Цената на овој автомобил изнесува околу 200 илјади евра.