|

Учителка од Гоце Делчев се искачи на покривот на Африка – врвот Ухуро /5895 метри/, на планината Килиманџаро

Славка Жостова, учителка од Трето Основно Училиште „Браќа Миладинови“ – Гоце Делчев, по враќањето од возбудливото патешествие низ Африка „закачи“ уште еден туристички трофеј во својата витрина. Учителката која е позната по својата голема љубов кон туризмот, го освои покривот на Африка – врвот Ухуру /5895 м/, на планината Килиманџаро која се наоѓа во Танзанија.

„Килиманџаро се смета за најголема самостојна планина во светот која настанала од три вулкани – Шира (3926 метри), Мауензи (5219 метри) и Кибо, кој геолошки е најмлад“, раскажа емотивно по враќањето. Таа додаде дека Ухуру е познат по вечните глечери и снегови кои се топат во последните години поради глобалното затоплување.

Учителката учествувала и во незаборавно сафари во резерватот Нгоронгоро, каде што се наоѓа еден од најголемите вулкански кратери на земјата. Во резерватот има над 30.000 диви животни во бујните пасишта, цветните полјани, бистрите извори, езерото Магади… Патешественицата се осмелила да се искачи на активниот вулкан Ол Дојњо Ленгај (2962 м), а натрокарбонатната лава што тече од него е единствена од таков вид во целиот свет, вели таа. Го посетила и алкалното езеро Натрон, познато по колониите на фламинго и прекрасната природа. Секако, патешествието ја однело до средба со културата на Масаите – едно од најпознатите африкански племиња.

„Се покажа како многу голем предизвик. Тргнав исплашена, неуверена, несигурна… Но сега, откако веќе стапнав на покривот на Африка, едно е сигурно, дека авантурата во Килиманџаро ме промени засекогаш. Промената се случи незабележливо, чекор по чекор нагоре, а кислородниот дефицит те остава без здив и треба да се потрудиш да продолжиш на студот и ветерот, а насекаде околу тебе има прекрасни глетки. Постојат 7 различни пристапи за искачување на Ухуру. Го искачив по маршрутата Марангу, во вкупна должина од 72 километри во секој правец, минувајќи низ 5 различни екосистеми – од обработливите вулкански површини во подножјето, преку субекваторијалната џунгла, до алпската пустелија во повисоките делови. Времето таму е непредвидливо, без разлика на сезоната, а овој пристап нуди најдобра заштита“, коментира Славка Жостова по враќањето во Гоце Делчев.



Слични Објави