УЈП: ПОДАТОЦИТЕ ОД СМЕТКИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ ЌЕ БИДАТ ЕНКРИПТИРАНИ

Македонската банкарска асоцијација, Министерството за финансии и Управата за јавни приходи денеска одржаа состанок на кој се разгледуваше предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за банки. На состанокот е договорено да се прецизира текстот на новиот закон.

Од Кабинетот на министерот велат дека УЈП по писмено барањ и со постоечкиот закон добива податоци за сметките на граѓаните, па со промените би се добивала само приходната страна по автоматизам, а за другите податоци Управата и понатаму ќе мора да поднесе писмено барање.

„Трошењата на граѓаните и состојбата на сметката не ѝ се потребни на УЈП за изработка на претпополнетата даночна пријава. Податоците што ќе ги добива УЈП ќе бидат ‘енкриптирани’ со цел да се заштитат личните податоци на граѓаните. Ова ниво на заштита е повисоко и од актуелното. Во насока на заштита на личните податоци, веќе се подготвуваат промени во Законот за Управата за јавни приходи. Промените ќе стапат во сила од почетокот на 2019 година бидејќи истите се потребни за изработка на претпополнетата годишна даночна пријава“, соопшти Министерството.

Според Министерството ова би ги ослободило граѓаните од пополнување годишна даночна пријава.

„Нема никакви промени кај третманот на дознаките од странство. Ова значи дека и понатаму ќе се применува постоечкото законодавство, според кое приливите по основ на лични трансфери, помош и подароци не се оданочуваат со персонален данок на доход“, се вели во соопштението на Министерството.

 



Слични Објави