УЈП САКА ДА ЗНАЕ КАКОВ ВИБРАТОР КОРИСТАМ

Ваш став Истакнато Колумни

Владата реши да го менува Законот за банки со што УЈП ќе добие слободен пристап до документите, трансакциите и депозитите на граѓаните во секое време.

Човек веќе да не може да се реши што е понебулозно: УЈП да ти ги чешла сметките или изговорот зошто тоа ќе го прават – за полесно да ги изготвувале годишните даночни пријави за наредната година. Ако ова не ве плаши и ако случајно мислите дека ќе видите раат од пополнувањето на астрономската пријава секој март – страшно се лажете. Сега не само што можат да ни „стегнат“ поголеми даноци, туку преку УЈП кој сака, кога сака, колку сака и за што и да му ќефне може да ви влезе јуначки во сметките. И тоа не само колку пари, од кого и кога ви легнале на сметка, туки и од каде и каков вибратор сте си купиле. Сега ќе треба да пазам да пазарам само квалитетни и скапи брендови, оти што ќе речат комшиите ако истече инфо за некоја багатела на попуст од „Валијант“. Брука!

А сите бевме во филм дека се бориме против моќна централна власт. Оваа лупа е пострашна отколку некој дома да ви постави камерче и да снима каков пинџур ви е по мерак во сабота.

Но Македонската асоцијација на банки остро се спротивставува на предложените измени. Сметаат дека со нив директно се навлегува во приватноста на граѓаните и заштита на личните податоци и се губи значењето на правниот термин банкарска тајна. Тогаш зошто оваа паника? Па нели и до сега се се знаеше? Е да, ама сега има и официјален штембиљ. Сега секој оперативец од УЈП седнат со пајташите во меанче и цврцнат од по две-три ќе држи главна реч на маса за тоа што читнал кај некого во китапот и „онаа кај била“. Секој од нас има едно такво пријателче или комшиче што може „ај ѕирни брат житот се“ да го спроведе во пракса. А си го знаеме менталитетот, за жал.

Златен кеш…