ВЕЛИГДЕН- ГОЛЕМ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИК И СИМБОЛИКАТА НА БОЈАДИСУВАЊЕ НА ЈАЈЦАТА

/

Народниот календар претставува историски формиран систем на делење, пресметување и уредување на годишното време, кој го организира обредниот циклус (календарски обреди), стопанската и секојдневната дејност, во значителна мерка и верувањата, како и изведувањето на фолклорот во македонската традиција и култура од дамнешни времиња па до сега.

Народниот календар во македонската традиција и култура се состои од неколку комплекси на празници кои се празнуваат во точно определен период. Велигден или познато како Христовото Воскресение е сместен во низата на празниците Ѓурѓовден, Спасовден, Млад Св.Никола кои припаѓаат на средно-пролетниот комплекс на празници. Празнувањето на овој празник започнува со Велики Четврток, ден кој навистина е  интересен и омилен помеѓу луѓето поради бојадисувањето или вапцањето (помеѓу народот познато) на Велигденските јајца. На Велики Четврток јајцата се бојадисуваат наутро пред зората, пред да се појават првите сончеви зраци. Во минатото, јајцата се бојадисувале исклучиво со црвена боја. Симболиката на црвената боја ја означува боженствената љубов и надеж.

Постојат повеќе обичаи и верувања поврзани со празнувањето на овој ден, односно самото подготвување за дочекот на  Велигден. Како најкарактеристичен и интересен обичај е бојадисувањето на првите три јајца. Првото јајце било наменето за Господ, второто на домаќинот и третото на стоката и бериќетот. Првото јајце, “божјаче”, откако ке се бојадиса се остава да го „фатат“ првите зраци од сонцето, а потоа се будат децата и со него на лицето им се прави „Црвено-бело“ за здравје да ги прати низ целата година. “Божјарчето” се чува цела година, до наредниот Велики Четврток, и се верува дека ова јајце не скапува.

Денеска, покрај луѓето кои ја следат традицијата постојат и луѓе кои го наоѓаат Велигден и деновите кои му претходат, за празник преку кој можат да ја искажат и покажат својата безгранична креативност во однос на бојадисувањето воедно и украсувањето на јајцата. Покрај црвената боја, луѓето започнале да ги употребуваат и останатите бои за  бојадисување на Велигденските јајца, како што се црната-вечност; жолта-среќа,светло; белата боја која ја претставува чистота и невиноста потоа кафената боја-среќа, портокалова-издржливост и сила, сината боја-означува здравје, виолетовата боја- надеж и вистина како и зелената боја која има значење на виталност и раст.

Иако денеска постои цел спектар на вештачки  бои кои се користат за бојадисување на јајцата, јас исклучиво користам бои од природата и за мене црвената боја е незаменлива. Јајцата ги бојадисувам во црвено вино и цвекло.

На овој ден, покрај горенаведениве обичаи, во македонската традиција се практикувал  и обичај познат помеѓу народот како запотнување со тоа што потката (гранки од билки) се ставала на клучалките од вратите, во долапите, грнците, стомните итн. За потка се користеле билки за кои се верувало дека имаат волшебна моќ како што се кукурек, леска, дрен и др. Се запотнувало за здравје, но и се верувало дека на тој начин луѓето, стоката и куќата ќе се заштитат од разни болести и несреќи.



Карактеристично за празникот Велигден е што тој секогаш се слави во недела а датумот се менува. Велигден претставува еден од најголемите христијански празници и неговата симболика е поврзана со Христовото Воскресение односно со тоа како Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Всушност, Велигден претставува празник преку кој се празнува победата над смртта. На овој ден, помладите одат на гости кај постарите роднини и се практикува обичајот “кршење со јајцата”. Се верувало дека оној кој ќе успеел да ги искрши сите јајца т.е. ќе остане нескршлив и непобедлив  му претстои среќа и здравје низ целата година.

Во минатото, луѓето се држеле до овие таканаречени правила во обичаите и традицијата во нашава земја. Меѓутоа, согласно времето и обврски на човекот, празнувањето низ годините е видоизменето. Се уште постојат луѓе кои силно веруваат и ја почитуваат традицијата на македонскиот народ и ги практикуваат овие обичаи со цел тие да се заштитат и да се пренесат на помладите генерации за тие да имаат дознаење од каде потекнуваат. А, верувајте, убаво е чувството да се знае од каде потекнуваме, особено од една ваква прекрасна земја како што е нашата Македонија.

Автор: Кристина Паскоска



Претходна статија

ВЕЛИГДЕН Е!

Следна статија

ПЕТАР КОЛЕВ: БОГ Е ДОБРИНА И ПРОПОВЕДА ЉУБОВ- ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

Најново од Истакнато

Кога идентитетот е бетон

Пишува: Ѓорѓи Трендафилов Вчерашниот фудбалски натпревар меѓу Северна Македонија и Бугарија е одличен настан за крај