(Видео) Фестивалот LÙNAR ја осветли Софија со дела на финалисти од светски натпревар во видеомапинг
Петтото издание на фестивалот за светлосна уметност LÙNAR: „Светлините на Софија“ започна на 17 септември на плоштадот „Независност“ во бугарскиот главен град, каде до 20 септември ќе бидат прикажани дела на финалистите на меѓународниот натпревар за имерсивен видеомапинг на тема „Градски пулс“, јавува БГНЕС.
Настанот го организираат Општина Софија и MP-STUDIO по повод Денот на Софија, а програмата е бесплатна и се одржува секоја вечер од 20:00 до 23:00 часот.
За учество во натпреварот се пријавиле 45 уметници и студија од 22 земји. Меѓу финалистите се Ari Dykier од Полска, Mödar и The Fox, the Folks од Индонезија, Kurbas Pro од Украина, Luca Agnani Studio од Италија, Metanoia Creatives од Чешка и SKG+ од Кина.
На 20 септември ќе бидат доделени две главни признанија – награда на жирито и награда на публиката. Посетителите за првпат можат да гласаат преку мобилната апликација на фестивалот, а гласањето е отворено до 23:59 часот на 19 септември.
Фестивалската програма започнува со спектаклот „Топографии на светлината“ на MP-STUDIO, посветен на Софија, по што следуваат конкурсните проекции и специјална содржина создадена во соработка со „Етид-и-те на Софија“.
