(Видео) Историските банкарски згради во центарот на Софија
Едни од најубавите градби во центарот на Софија се поранешните банкарски згради, кои и денес сведочат за архитектонскиот подем на крајот на XIX и почетокот на XX век, пишува БГНЕС.
Меѓу нив се истакнува старата зграда на Бугарската народна банка, сместена на улиците „Леге“ и „Кнез Александар I Батенберг“. Таа е дело на швајцарскиот архитект Хајнрих Јакоб Мајер (Херман Мајер), претставник на западноевропскиот архитектонски традиционализам. Изградена е во периодот 1889–1895 година и се одликува со монументален изглед, декоративни елементи, колони и впечатлива метална купола. Во 1919 година арх. Никола Занков ја надградува зградата, а денес во неа се наоѓа Министерството за иновации и раст.
Во непосредна близина, на ул. „Кнез Александар I“ 6, се наоѓа поранешната зграда на Кредитна банка, проектирана од италијанскиот архитект Маријано Пернигони. Изградена како доходна зграда во 1897–1898 година, денес таа е седиште на Банка ДСК. Фасадата е во кремаво-бели тонови со аркадни прозорци и елементи инспирирани од средновековната архитектура.
На аголот на улиците „Иван Вазов“ и „Славјанска“ се издига познатата жолта зграда, проектирана во 1910 година од арх. Никола Лазаров. Во минатото таа била седиште на Централната кооперативна банка и денес е културно наследство од национално значење. Зградата е украсена со скулптури на титани и лавовски глави. Подоцна е доградувана од архитектите Георги Фингов и Димо Ничев, што предизвикало професионални полемики со Лазаров.
Само неколку чекори подалеку, на ул. „Иван Вазов“ 3, се наоѓа поранешната зграда на Бугарската земјоделска банка, изградена во 1900 година. Таа зафаќа цел блок меѓу улиците „Раковска“, „В’лкович“, „Славјанска“ и „6 септември“. Иако авторството е спорно, зградата одиграла значајна улога во финансискиот живот до 1934 година. Денес таму се наоѓа административното седиште на „Холдинг БДЖ“ ЕАД.
Овие објекти претставуваат значаен дел од архитектонското и културното наследство на Софија и сведочат за развојот на банкарството и урбаната естетика во Бугарија.

