(Видео) Јовески е професионалец, вистината за модуларната болница треба да ја знаат сите, посочи Ковачевски
Шефот на обвинителите, Љубомир Јовески, е професионалец од браншата и му стои на располагање на Собранието да ги даде сите информации за сите случаи, како и за модуларната болница. Ова го соопшти премиерот Димитар Ковачевски по вчерашните протести. Тој додаде дека вистината треба да ја знаат сите.
„Шефот на Јавното обвинителство е избран во Собранието, тој е професионалец од браншата. Тој има своја кариера во рамките на Обвинителството. Ингеренциите се во рамките на Собранието и тоа може да постави прашање до кој било обвинител, а пред сè до главниот обвинител. Сметам дека тој треба апсолутно да биде на располагање за кој било случај, а особено за овој случај, кој беше еден од најтрагичните настани. Вистината треба да ја знаат сите“, рече Ковачевски.
Според него, правосудните органи треба да работат на случајот кога има прекршување процедури.
„Сето тоа што вие го кажувате е предмет. Вицепремиерот за добро владеење, кога ќе добие документи, ги доставува до институциите. Има задолжени правосудни органи кога има прекршување на процедурите. Ниту една личност не може да биде во подобар третман од кој било друг“, додаде Ковачевски.
Тој е дециден дека сите документи побарани за изградба на модуларната болница во Тетово биле доставени до надлежните органи. Во однос на вештачењата, вклучувајќи го и германското, не ги поседувала Владата и не можело да се достават. За овие документи, Ковачевски рече дека детали може да дадат само оние што ги имаат.
„Во однос на периодот кога имавме справување со корона-кризата, мора да се истакне фактот дека здравствените работници во условите што ги имаа дадоа максимум да спасат што повеќе човечки животи. Во однос на другите случаи, сите бевте свесни дека и подоцна од соопштенијата на МЗ сите документи и податоци што треба да се достават до надлежните правосудни и истражни органи се доставени и достапни. Што се однесува до други, кои беа презентирани, пред сè, вештачењата, тие не се, ниту биле во ингеренции на Владата. Ги имаат правосудните органи. Јас како премиер и Владата имаме објективен став во однос на кој било случај, поединец, предмет. Правосудните органи се слободни да одлучуваат во согласност со законот и процедурите и да донесат постапки и пресуди“, додаде Ковачевски.
Вчера се одржаа протести во Тетово, а по документарниот филм на ИРЛ. Тие побараа одговорност и разрешување на обвинителите што работеле на истрагата.
