(Видео) К8: Никица Корубин и Прван Симеонов за тоа што мислат луѓето и зошто мислат така
Во најновата епизода на македонско-бугарскиот подкаст „Коридор 8“ разговараме за општествените промени, генерациските разлики и кризата на доверба во институциите во Северна Македонија и Бугарија. Гости во емисијата се Никица Корубин, научник и политички аналитичар од Северна Македонија, и Прван Симеонов, социолог и политички аналитичар од Бугарија.
Зборуваме за масовните протести, улогата на Gen Z, влијанието на медиумите и социјалните мрежи, како и на промените во јавното мислење во двете општества. Освен тоа гостите ги анализираат и следните проблеми поврзани со протестите и дали протестната енергија може да се претвори во трајно политичко дејствување. Довербата во институциите и кои фактори денес ги обликуваат политичките ставови и симпатии. Улогата на медиумите – дали тие го креираат јавното мислење или само ги рефлектираат постојните општествени расположенија.
Посебен дел од разговорот е посветен на поддршката во бугарското општество за членството на Северна Македонија во Европската Унија – нејзината динамика од 2017 година наваму, споредбата со другите земји од Западен Балкан, како и со Украина и Молдавија, но и влијанието на историските прашања и говорот на омраза врз јавните ставови. Од македонска перспектива се анализираат причините за ниската поддршка за уставните измени и отпорот кон вклучувањето на Бугарите во Уставот.
