| | |

(Видео) Лагите и омразата

Насер Селмани

Еден од најпознатите лидери на српската опозиција од 90-тите години, Вук Драшковиќ, во интервју за српски медиум зборуваше за моделот на владеење на режимот на Слободан Милошевиќ. Според него, власта на Александар Вучиќ е продолжение на истиот систем, создаден од југословенската УДБА. Драшковиќ тврди дека Србија и денес е заложник на структури кои опстанале по распадот на Југославија и кои, според него, работат во интерес на режимот на Владимир Путин. Основата на таквиот систем, вели тој, се лагата и омразата.

За жал, во различни форми, овој модел на владеење е присутен и во Северна Македонија уште од независноста. Денешната власт, во примената на оваа политичка доктрина, покажува доследност што во одредени сегменти потсетува и на периодот на владеењето на Никола Груевски.

Оваа политичка школа низ регионот се претставува како последна надеж за народот, нудејќи големи ветувања и создавајќи нереални очекувања. Нејзините претставници се самопрогласуваат за спасители на државата и нацијата, кои наводно ја бранат земјата од внатрешни и надворешни непријатели.

Во пракса, меѓутоа, не станува збор ниту за надеж ниту за спас. Суштината е задржување на власта по секоја цена. Таквиот систем опстојува благодарение на слабите институции, високото ниво на корупција и методите на политичка контрола наследени од авторитарните режими.

По две години власт, станува сè поочигледно дека голем дел од изборните ветувања на Христијан Мицкоски останаа неисполнети. Наместо повисок животен стандард, граѓаните не чувствуваат значително подобрување на квалитетот на животот. Наместо напредок во евроинтеграциите, земјата е заглавена во самоизолација. Наместо зајакнување на владеењето на правото, расте впечатокот за партизација на институциите. А наместо решителна и неселективна борба против корупцијата, јавноста сведочи на многу обвинувања, мал број истраги и уште помал број завршени случаи на висока корупција.

Кога ветувањата не се исполнуваат, започнува втората фаза на владеење – фазата на омразата. Тоа е модел што со години успешно го применува Вучиќ во Србија, а чија логика сè почесто може да се препознае и во домашната политика.

Ова е најопасната фаза за едно општество. Власта станува почувствителна на критики и, неспособна да ги прикрие сопствените слабости со резултати, одговара со конфронтација и агресивна реторика. Наместо решенија, се нудат поделби. Наместо одговорност, се бараат виновници.

Тогаш се создаваат внатрешни и надворешни непријатели кои наводно го попречуваат развојот на државата. На удар се опозицијата, етничките и верските заедници, соседите и западните партнери. Најгресивен наратив се користи против Бугарите, кои се претставуваат како Татари и најголеми непријатели на македонскиот идентитет. Тука се Албанците, против кои постојано низ спортските стадиони се користи говор на омраза. Негативни наративи се користат и против ЕУ, која се обвинува дека ги поддржува бугарските ставови. Сите тие заедно се претставуваат како дел од некаков заговор за рушење на власта и македонскиот идентитет.

Во таа фаза лагата добива дополнителна сила затоа што се надополнува со омраза. А омразата, особено кога е поддржана од медиумска пропаганда, лесно наоѓа пат до дел од граѓаните кои се разочарани, несигурни или недоволно информирани. Токму затоа ваквите модели на владеење претставуваат закана не само за демократијата, туку и за општествената кохезија и иднината на државата.

Слични Објави