(Видео) Пензиите се зголемуваат според швајцарски модел, Фондот не може да издржи линеарно покачување, порача Ковачевски
Пензионерите добиле зголемување на пензиите откога станав премиер, тврди премиерот Димитар Ковачевски. Тој посочи дека се направило системско решение врз основа на швајцарски модел. За пензиите, тој рече дека ако има линеарно покачување, тоа зголемување ќе се одрази врз буџетот на Фондот и ќе не може да се исплати ниедна пензија.
„Во однос на пензиите, морам да ве потсетам дека откога станав премиер, преку економско социјален дијалог се дојде до ново решение за зголемување на пензиите. Ние за 1,5 година имаме 26 % зголемување на пензиите. Ако минималната пензија била 9.000 денари, сега е 12.500 денари. Во септември ќе стане 13.000 денари. Ако просечната пензија беше 13.000 денари, сега е 19.000 денари и ќе порасне. Се направи системско решение, кое е врз основа на швајцарски модел, кое овозможува двапати годишно зголемување на пензиите во согласност со растот на просечната плата и трошоците на живот“, рече Ковачевски.
Објасни и како се исплаќаат пензиите.
„Пензијата е право од работен однос. Не можете да израмните некој што плаќал 15 години стаж на минимална плата и некој што плаќал 30 години стаж на многу поголем износ и да кажете тоа е исто. Пензијата е резултат на годините стаж на секој поединец и на уплатите. Фондот за пензиско е фонд на осигурениците. Доколку има линеарно покачување, тоа ќе значи дополнителен трошок од 220 милиони евра, кој нема да го издржи Фондот. Тоа ќе значи дека и тие што 30 години уплаќале стаж, нема да може да земат пензија“, додаде Ковачевски.
Премиерот рече дека се работи на методологија за закон за минимална пензија.
„Пензионерите што протестираат се политички мотивирани и со Сојузот на здруженијата на пензионерите. И Владата формира тим што ќе работи заедно со Сојузот и другите страни на изработка на закон за минимална пензија во рамките на процедурите и законите, во рамките на Уставот и во рамките на методологијата“, додаде Ковачевски.
Пензионерите бараат линеарно зголемување на платите за 3.500 денари и дополнително да се утврди минимална пензија од 18.000 денари.