| |

(Видео) Петков: Во францускиот предлог има јасни механизми за правата на Бугарите во РС Македонија, дискриминацијата и говорот на омраза

Одлуката за кревање на ветото за почеток на преговорите на РС Македонија со ЕУ треба да се донесе од бугарскиот Парламент. Ова денеска го изјави бугарскиот премиер Кирил Петков.

„Од тоа што јас досега сум го видел и слушнал од овој предлог е дека Европската унија дава можност за гарантирање на правата на Бугарите во РС Македонија, преку јасен механизам дека РС Македонија нема да ги започне преговорите со ЕУ пред да го промени Уставот. Откако ќе се смени Уставот и Бугарите ќе бидат впишани во него, тие автоматски да ги започнат преговорите.“, вели Петков.

Според него тоа претставува мост на доверба кој што е потребен меѓу двете земји.

На прашање дали францускиот предлог ги отсликува сите бугарски барања, Петков изјави дека во истиот има механизам да се следи дали има дискриминација на Бугарите во РС Македонија и механизам против говорот на омраза.

„Како што разбрав е вклучен механизам да нема дискриминација и да се следи дали има реална дискриминација против Бугарите во Северна Македонија и да има механизам против говорот на омраза. Тоа се многу важни критериуми за нас“, подвлече Петков.

„Комисијата за надворешна политика во бугарскиот Парламент да го даде своето мислење во Собранието, Министерството за надворешни работи треба да објасни што значи тоа, и на базата на сите тие аргументи да гласаат пратениците а јас ќе ја исполнам волјата на народното Собрание“, изјави Петков.

Тој додаде дека францускиот предлог е гаранција и за РС Македонија со тоа што откако тие ќе ги почнат преговорите по внесувањето на Бугарите во Уставот, Бугарија нема да поднесува нови и нови барања на секои 6 месеци.



Слични Објави