(Видео) Поддршка што силно одекна – Цариброд застана зад Александар Васов
Повеќе од 200 граѓани вечерта на 25 јуни се собраа на плоштадот пред Културниот центар во Цариброд за да му дадат поддршка на Александар Васов и да испратат јасна порака дека во овој град нема место за говор на омраза и за меѓуетнички поделби, јавува ФАР.рс.
Собирот беше организиран по обвинувањата што во изминатите денови беа упатени кон Васов во одредени медиуми блиски до власта.
Граѓани и претставници на различни групи и организации од Цариброд, Пирот, Бела Паланка, Ниш, Софија и од други градови изјавија дека се собрале за да изразат солидарност со Васов и да ги одбранат вредностите на единството и меѓусебното почитување.
На настанот беше нагласено дека нема да успеат обидите граѓаните да бидат поделени врз национална, верска или која било друга основа.
„Ги повикуваме сите слободољубиви граѓани да не дозволат да нè делат според националната или верската припадност. Заедно можеме да покажеме дека во Цариброд нема место за говор на омраза и за обиди за предизвикување меѓуетнички конфликти. Цариброд вечерва мирисаше на слобода, а слободата е блиску – зависи од нас, ова нема да помине“, беше порачано на собирот.
Покрај Александар Васов, пред присутните говореа и граѓанскиот активист Сергеј Иванов од Цариброд, граѓанската активистка Тања Арсенов Цолев од Софија, граѓанските активисти Предраг Диниќ и Дејан Христов од Ниш, Дарко Ѓорѓевиќ од Зборот на граѓаните на Пирот, Борис Колев од Народното движење на Србија, публицистот од Пирот Момчило Ѓурѓиќ, Зоран Николов од Партијата на Бугарите во Србија и Милан Јовановиќ од Зборот на граѓаните на Бела Паланка.
Настанот помина мирно и без инциденти, во присуство на полицијата.
Екипата на ФАР го сними целиот настан.

