(Видео) Се бараат притвори за седум лица за „Скопје 2014“: осомничен се обидел да ја напушти државата, се замрзнуваат и удели, имот, пари
Притвор се бара за седум лица осомничени за „Скопје 2014“, посочи обвинителот Љубомир Лапе кој го води предметот. Сомнежите се дека тие ќе се дадат во бегство. Имиња не сакаше да каже, бидејќи во моментот се постапува. Според информациите на „Макфакс“ едно од лицата за кои се бара притвор е четврто осомничениот Владимир Здравев, кој е експретседател на Советот на Центар, а бил приведен на Табановце. Лапе не сакаше ниту да потврди, ниту да демантира.
„Имавме сомневања дека ќе ја напуштат државата. Не биравме ние кога ќе ја почнеме постапката, но кога бев известен дека еден од осомничените ја напушта Република Северна Македонија ја инициравме целата акција. Против четири лица веќе се постапува“, кажа Лапе.
Против ексградоначалникот Владимир Тодоровиќ, кој е сопственик и на ланецот маркети „Тинекс“, не се предложени мерки за замрзнување на имот. Вакви мерки се бараат за фирмите кои биле поврзани со перење пари.
„Замрзнување на сметки и имоти, како и удели во компании се поднесени спрема лицата кои се осомничени за перење пари и за правните лица за кои според доказите произлегува дека се основани со таа намена“, додаде Лапе.
Кривичните дела се сторени од 2007 до 2013 година, кога се набавувале десетте споменици дел од „Скопје 2014“. Истрагата е отворена по 10 години, а колку ќе се чека за обвинение, не знае ниту Обвинителот. Тој вика дека се чекаат докази од пет странски држави.
