|

(Видео) Тренчевска: Во 2018 година Мицкоски бараше техничката влада да остане до членство на ЕУ

Потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, реагираше на предлог-законот за укинување на техничката влада, посочувајќи дека процесот се води без соодветни консултации и спротивно на претходни договори меѓу политичките партии.

Таа посочи дека техничката влада е воспоставена во 2016 година, преку инклузивен политички процес и со поддршка од меѓународни партнери, а во 2018 година, на барање на тогашната опозиција, бил постигнат дополнителен договор за функционирањето на техничката влада.

„Во 2018 година, на барање на тогашниот претседател на ВМРО, Мицкоски, тогаш во опозиција, беше договорено, исто така низ процес на консултација, низ еден транспарентен процес во којшто беа вклучени и сите политички партии, да се направи измена односно да се донесе предлог-закон со којшто техничката влада ќе важи сè до влегување на Македонија во Европската Унија“, рече Тренчевска.

Тренчевска обвини дека актуелниот закон се носи без вистински дијалог со опозицијата.

„Денес, на брза трака, по скратена постапка, без консултација со политичките партии, со опозицијата, имаме предлог-закон за изменување на Законот за Влада со којшто се укинува техничката влада“, рече Тренчевска.

Во однос на комуникацијата со опозицијата, Тренчевска посочи дека таа не претставувала вистински консултативен процес, туку само информирање.
„ Опозицијата беше повикана на еден информативен состанок, на којшто беше соопштено дека Владата предвидува укинување на техничката влада, а потоа уште еден состанок на кој беше доставен предлог-законот во писмена форма. На истиот ден, 26 јануари, во 16 часот и 56 минути, координаторот на пратеничката група испрати СМС-порака со ставот на СДСМ дека треба да останат одредбите за техничка влада онака како што се во постоечкиот закон“, посочи Тренчевска.

Тренчевска додаде дека ваквиот пристап претставува несоодветен однос кон опозицијата и повеќе личи на безобразно и арогантно однесување на власта.
„Ова повеќе личи на безобразно и арогантно однесување на власта. Техничката влада е механизам кој може да обезбеди минимални услови за фер и демократски избори. Нејзината цел е да претставува мост преку којшто ќе се премине од заробена држава до демократска држава“, рече Тренчевска.

Таа оцени дека институциите не функционираат независно, посочувајќи:
„Денес имаме заробена држава, имаме правосудство под контрола на власта, полиција во служба на ДПМНЕ, притисоци врз најранливите категории граѓани и медиуми под контрола на власта.
Техничката влада не смее да биде укината, а особено не смее да биде укината без консултација на четирите политички партии коишто учествуваа во процесот на донесување на измените на овој закон. И затоа јавно повикуваме да се почитува овој закон и одредбите да останат за техничката влада. Власта, наместо дијалог во овој случај, избра ароганција и манипулација. И за жал, тоа не е демократија, тоа е автократија, тоа покажува дека имаме режимска власт. Очекувам дека ќе го повлечете овој предлог и ќе започнете широк процес на консултација со сите политички партии за да се дојде до консензус“, заклучи Тренчевска.

Слични Објави