Зајкова: За граѓаните сме тука, не за фотелји – дигитално гласање наместо техничка влада
Сите се сеќаваме на времето на ‘заробената држава’, кога институциите беа партиски штабови, кога се издаваат лажни лични карти и кога се одеше дотаму што сопствените граѓани ‘за рачиња’ беа носени на гласање под наредба. Тогаш, техничката влада беше неопходна хируршка операција за да се спаси демократијата, која никогаш не е слепо гарантирана. Но, почитувани, денес е 2026 година. Ако по десет години сè уште велиме дека ни треба Пржинска влада за да имаме фер избори, тогаш ние признаваме дека за десет години не сме успеале да изградиме ниту една професионална институција“, изјави денеска од собраниската говорница претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова и вели дека јавноста гледа парада на дополнителни министри, заменици и функционери кои 100 дена се занимаваат со реваншизам, со смени на професионалци и со меѓусебни препукувања за дневно-политички поени.
Додека се додаваат нови фотелји и народот плаќа за административен хаос, Македонија се закотвува како најсиромашна држава во Европа со граѓани со поплиток џеб и непрофитабилни фирми, а со повеќе кредити и тој тренд мора да запре.
„Не може приоритет на ова Собрание да биде кој партиски војник ќе стане технички министер. Наш приоритет мора да биде како да го заштитиме гласот на граѓанинот најефикасно и најекономично. Затоа ЛДП вели: Доста е со технички решенија кои се само товар за буџетот“, посочува претседателката Зајкова.
Наместо граѓаните да плаќаат за паради на нови министри, Зајкова предлага да се воведе електронско гласање и биометриска идентификација. Технологијата не познава партиска книшка и не може да биде уценета и според Зајкова, тоа е вистинскиот пат кон напредокот.
„И да бидам јасна, за да не бидам погрешно разбрана од колегите од лево или од десно: Ние не сме тука за да ги чуваме министерските места на СДСМ, ниту пак за да ги поддржуваме кадровските апетити на ВМРО. Ние сме тука за граѓаните. Пржинската влада стана изговор за вашата меѓусебна недоверба, а цената за таа недоверба ја плаќа народот. Аман веќе од дополнителни функционери и вонредни трошоци во држава која едвај го преживува секој инфлаторен шок. Ајде да бидеме одговорни. Во контакт сум со граѓаните, веројатно и вие и тие сакаат да се занимаваме со суштински прашања во ова Собрание. Имаме ли работна група за Изборниот законик? Имаме! Да ја завршиме работата таму, да ги вградиме заштитните механизми, да му предложиме заедничко решение на Собранието и системски да го затвориме прашањето. Каква е оваа целодневна изместена дебата за Пржинска влада во 21 век, кога во ера на дигитализација, во куп европски држави се гласа електронски? Нели имаме цело министерство за дигитализација?“, праша Зајкова од собраниската говорница и ги повика пратениците наместо на паради, да се фокусираат на создавање ефикасен систем, заштитени гласачи и достоинствен живот.
