Видовден за режимот на Вучиќ, денеска масовни протести низ цела Србија
Денеска, 28 јуни, кога Србија го одбележува Видовден, целата држава е на праг на едни од најголемите протести во поновата историја. Се очекува десетици илјади граѓани да излезат на улиците на Белград, Нови Сад, Ниш и други градови, во поддршка на студентите кои веќе осум месеци протестираат против корупцијата во државните институции и бараат правда и одговорност од власта, јавуваат српските медиуми, пренесува БГНЕС.
Овој ден се смета за клучен момент во зголеменото незадоволство помеѓу протестното движење и владејачките структури. Студентите дадоа ултиматум кој истекува вечерва во 21:00 часот. Ако владата не ги исполни нивните барања – распишување предвремени избори и отстранување на проправителствениот камп „Чациленд“ пред парламентот – организаторите најавуваат масовна граѓанска мобилизација.
Очекувањата се дека огромни маси луѓе ќе излезат на протестите, а многумина ги споредуваат случувањата со 15 март, кога над 300.000 демонстранти го исполнија Белград. За многумина, 28 јуни е денот што ќе ја определи иднината на Србија – дали ќе се отвори патот кон промени или земјата ќе потоне уште подлабоко во репресии и авторитаризам.
„На Видовден ќе го надоместиме сето што го пропуштивме. Ова е наш момент, а не нивен“, порачаа од студентското движење. Граѓани од сите делови на Србија се подготвуваат да пристигнат во главниот град, и покрај стравувањата од провокации и насилство. Постојат сериозни сомнежи дека власта ќе се обиде да го попречи протестот преку апсења, блокади, ширење дезинформации и употреба на сила. Дел од овие активности веќе беа забележани на 27 јуни.
Ситуацијата се следи со големо внимание, додека Србија се подготвува за можеби најбурниот Видовден во својата современа историја.

