МНР на Бугарија: Го осудуваме јавното сквернавење на бугарската химна на натпреварот меѓу РС Македонија и Бугарија

//

Министерството за надворешни работи на Бугарија го осуди јавното сквернавење на бугарската химна на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Бугарија и Северна Македонија во Скопје.

„Говорот на омраза против Бугарија и Бугарите од трибините на националниот стадион во Скопје претставува недвосмислено негирање на основните вредности на современите демократски општества и јасно е во спротивност со европските принципи и норми на однесување.

Ја забележуваме реакцијата на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, со која се осудува говорот на омраза за време на фудбалскиот натпревар. Истовремено, повикуваме на решителни и неповратни чекори на официјалните власти во Скопје за искоренување на антибугарската агресија на јавниот простор на државата“, се вели во реакцијата на заменикот министер и портпарол на бугарското МНР Костадин Коџабашев.



„Потсетуваме дека со Договорот од 2017 година и билатералните протоколи потпишани во 2019 и 2022 година, двете земји категорично се залагаат за преземање ефективни мерки против говорот на омраза.

Зачувувањето на напредокот постигнат во политичкиот дијалог во последните месеци бара ваквите настани засекогаш да станат минато. Само во овој дух двете земји ќе можат да отворат нова страница во односите, засновани на меѓусебно почитување и добрососедство“, стои уште во реакцијата на заменикот министер и портпарол Коџабашев.



Претходна статија

УКИМ, УКЛО и Универзитетот на ЈИЕ ја потпишаа Декларацијата за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки

Следна статија

Во Кумановско приведен српски државјанин под сомнеж за криумчарње мигранти

Најново од Вести