Томас Вајц: „Српскиот свет“ ја поткопува Северна Македонија под управата на Мицкоски
„Српскиот свет“ го поткопува суверенитетот на Северна Македонија и регионот. Претставници на владата во Скопје го поддржуваат и промовираат.
Ова се наведува во предлог-резолуција на Европскиот парламент, заснована врз извештајот на Томас Вајц за напредокот на Северна Македонија, јави специјалниот известувач на БГНЕС од белгиската престолнина Димитар Русков. Дебатата за документот е закажана за 8 јули во Стразбур.
Во текстот се потенцира „потребата од отворање на архивите на југословенските тајни служби (УДБА и КОС – од времето на југословенскиот диктатор Тито по 1945 година), кои се чуваат и во Северна Македонија и во Србија, како и потребата тие архиви да бидат отворени на регионално ниво, за да се надмине тоталитарното минато на транспарентен начин, со цел зајакнување на демократијата, отчетноста и институциите на Западен Балкан.“
„Северна Македонија останува предмет на непријателски странски операции за влијание, вклучително и напори за разединување на општественото ткиво на земјата и искористување на анти-европски расположенија, особено преку таблоиди и медиуми на српски јазик, кои функционираат како регионални засилувачи на кремљовите наративи и уживаат значително влијание“, се наведува понатаму во предлог-документот. Таму се потсетува дека Северна Македонија протерала 13 руски дипломати меѓу 2018 и 2023 година поради активности некомпатибилни со нивниот дипломатски статус, што укажува на континуирано присуство на прикриени мрежи за влијание. Се прецизира дека Кина настојува да го прошири своето влијание преку контрола врз информациите, инвестициска дипломатија и присилни клаузули во договори за инфраструктурни заеми.
Во извештајот се предупредува дека кинески дипломатски структури финансирале платена содржина и коментари во македонски медиуми без јасно обележување. Анализа од 2023 година утврдила дека субјекти поврзани со руската држава користеле српски медиумски посредници за ширење наративи непријателски кон НАТО и тврдења дека ЕУ ја притиска Северна Македонија да „се откаже од својот идентитет“.
Во предлог-резолуцијата, објавена на веб-страницата на Европскиот парламент, се изразува загриженост дека Северна Македонија и другите држави од Западен Балкан, кандидати за членство во ЕУ, се особено силно погодени од странско мешање и кампањи за дезинформација, вклучително и хибридни закани, стратешка корупција, нетранспарентни финансиски текови и присилни инвестициски практики, особено од Русија и Кина.
Изразена е тревога за „улогата на Унгарија и Србија во поддршката на геополитичките цели на Кина и Русија, а во тој контекст – ризикот од зависност од Кина поради асиметрични договори за заеми, како и заемот од Унгарија за Северна Македонија, кој изгледа е со кинеско потекло“.

