| |

Вистински македонски преданија

Пишува: Тодор Вангелов

Деновиве читајќи по сајтовите, наидов на некои објави, за кои чувствував потреба да напишам неколку реда со цел да се прикаже вистинската слика за нештата.

Долго време немав напишано ништо. Чувствував дека залудно е да се фрлаат бисерите, кога ќе бидат изгазени. Но, сепак, можеби некој бисер ќе си го најде своето место.

Читајќи објави на весникот „Нова Македонија“ во очи ми паднаа два наслови за кои решив да напишам вистински македонски видувања.

Во објавата со наслов „Македонските народни преданија за Крали Марко“ пишува само за некакво си српско потекло на Крал Марко, како бил велик (голем) јунак, дури и дека се борел за независна и автономна Македонија од Османлиите и од Србите. Тука, пак интересен е моментот, што Крал Марко, со српско потекло, се борел да биде независен од Србите.

Сега да погледнеме што кажуваат другите, вистинските преданија.

Крсте Петков Мисирков, во весник Илинден 25 Март 1923 година, во својата статија за Крал Марко пишува:

„Крали Марко и во својот живот имаше храброст целосно да ги игнорира своите српски современици и да царува цели дваесет и три години како македонски бугарски крал. Тој ја немаше моќта на неговиот татко, кралот Волкашин, да ги држи под своја власт бунтовничките српски земји, кои неговиот татко постојано ги чувал во страв од воена инвазија, но по смртта на Волкашина и при постојаната турска опасност, било незамисливо да се држат под иста врховна власт две сосема различни земји по култура: силно посрбената моравска земја на кнез Лазар и неговите приврзаници и бугарска по народност и култура, Македонија.

И ако Марко се разбуди, за што ние македонските Бугари веруваме не помалку од вас (Србите), тогаш тој ќе има право да си ги средува сметките, но не со Бугарите, со кои никогаш не војувал, туку со вас, поробувачи на неговата сакана Македонија“.

Во летописот на Јован (Јоан) Музаки или Мусачи (Краток летопис за потомците на нашиот род Музаки), албански аристократ, напишан на латински јазик во 1515 година, писателот односно аристократот Јован (Јоан) го запишал следното: „Кога Мурат II ја прими власта, тој ги завладеа Србија и Бугарија. Лазар, деспотот на Србија; Марко, крал на Бугарија и Теодор Музаки, второродениот од нашето семејство и останатите владетели на Албанија се обединија и тргнаа во битка, којашто христијаните ја загубија“.Има редица стари автори кои тврдат дека Крал Марко е од бугарски род.

Во книгата на Васил Петровиќ, Митрополит црногорски, шкодерски и приморски, „Историја на Црна Гора“ напишана во 1754 година, пишува: „Волкашин (таткото на Крал Марко – з.м.) бил од бугарска народност“.

Исто така отец Пајсиј Хилендарски, кој е по потекло од Пиринска Македонија, во својата книга „Историја Славјанобугарска“ напишана во 1762 година запишал дека „Волкашин бил Бугарин“ и како владетел на „охридските Бугари“ се нарекувал „Бугарски крал“.

Во мемоарите на родот Музаки, Волкашин и Крал Марко се обележани како бугарски кралеви.

Михаил Константиновиќ, српски писател, роден 1430 година, во својот труд „Историја или летописи турски“ пишува: „Марко бугарского кназа“.

Теодор Кантакузин (XV-XVI), византиски аристократ, во своите сочиненија исто така го нарекува Крал Марко „бугарски владетел“.

Иларион Руварац, српски историчар и свештеник, роден 1832 година кажува: „Најважно ми е да ја кажам вистината или да го кажам она што верувам дека е вистина.“
Истиот тој Руварац, за кого најважно е да ја кажува вистината, забележува: „Али је Краљевиќ Марко родом Бугарин и с једне и с друге стране т.е. Бугарин по оцу Краљу Волкашину и по матери Јевросими (Јелени), сестри деспота Момчила, кој је такоѓе био родом Бугарин“.

Самиот Крал Марко се потпишувал како „Трет цар на Бугарија“.

Постојат многу извори, кои кажуваат дека Крал Марко бил крал на Бугарите и на Бугарија и барем по мајчина линија по род Бугарин, но доволно е и погоре изнесеното.

Доколку некој пишува и објавува некакви си преданија, како што е случајот со статијата од весникот „Нова Македонија“, тогаш не треба еден дел од преданијата, изворите, фактите да се кријат, а само дел, со своја интерпретација да се изнесуваат во јавноста и да се претставува крива слика за нештата.

За другиот наслов или другата статија од истиот весник ќе пишувам во следна колумна.

Ќе завршам со цитат од Марко Цепенков од неговата збирка „Предание за град Прилеп…“:

„Со койе име да го наречиме гр. Прилеп, се си йе кърстен от бугари, ами сета земьа Руменлийа: от Дунаот да дури до морето, што йе покрай Гърчко, секой грат, секойе село, секойа планина, секойе ритче и долче; секойа река, мала или голема, секойе езерце и езеро се викат от лугьето со бугарцки иминьа. Не само от бугарите се викаат по бугарцкьи, ами от сите лугье, што живеат на нашава земьа (на Балканскийот полуостров).“

СТАВОВИТЕ И МИСЛЕЊАТА ИЗНЕСЕНИ ВО РУБРИКАТА „ПОЗИЦИЈА“, НЕ СЕКОГАШ СЕ ИЗРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА ПОРТАЛОТ „ТРИБУНА“

Фото: Българска история

Слични Објави