|

ВЛАДАТА ДОНЕСЕ ОДЛУКА: НЕМА ВЕЌЕ ВРАБОТУВАЊА ВО ЈАВЕН СЕКТОР И НАБАВКИ НА МЕБЕЛ ОПРЕМА И ВОЗИЛА

Владата донесе времена забрана за вработување во јавниот сектор, освен во здравството, се забранува и набавка на мебел, опрема и возила, а јавните претпријатија и АД во државна сопственост треба да ги намалат тековните расходи за 15 проценти за 2020, со цел намалување на непродуктивни расходи поради справување со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот.

Владата на денешната 32-ра седница донесе одлука со која во јавниот сектор времено се забрануваат новите вработувања, нови ангажирања преку агенции за привремени вработување и нови договори на дело, освен за ангажирања на соодветен кадар во здравствениот сектор и во други сектори кои се во насока на справување со последиците од коронавирусот.

Тоа значи дека нема прием на нови вработувања за сите трајно испразнети работни места (пензионирања и други заминувања по различни основи). Доколку се утврди неопходност за пополнување на некое работно место, истото ќе се пополнува од институции каде што има суфицит, а доколку нема таков кадар по институциите, за ангажирање на лицата ќе одлучува Владата.

Со оваа одлука не се стопираат веќе почнатите постапки за вработувања, за кои има согласност од Министерство за финансии, а за издадените согласности за кои не се започнати постапки за вработувања да не се започнуваат.



Слични Објави