| |

ВЛАДАТА ЗА КУМАНОВО Е (ПИРО)ТЕХНИЧКА

Денес Куманово беше посетено од министерот за здравство и министерот за внатрешни работи. Ниту еден од нив не извести за состанок со градоначалникот на Општина Куманово. Дали е на повидок несогласување меѓу централната и локалната власт? Уште една констатација дека СДСМ не се единствени во своите редови.
И сега Владата не чува од вирусот само од 16 часот до 05 часот наредниот ден. Преку ден животот функционира во Куманово. Единствено само што е сѐ пребукирано во тие часови на слобода и тогаш мешаници на сите страни. Како и во петокот кога во 17 часот ни беше соопштено за 56 часа карантин непрекинато. Среќа што вирусот се шири само во време на полициски час, па немаме експолозија на заразени лица.
Граѓанско Демократска Унија- Куманово дава целосна поддршка за мерките и за сите досегашни активности и барања преземени од страна на градоначалникот на Куманово, кои се многу поблаговремени од реакциите на Владата. Тој истиот, како одговорен за животот на своите сограѓани уште на 22 март бараше карантин и поригорозни мерки за Куманово. Не му дадоа и не му дозволија самиот да преземе нешто повеќе од она што беше определено за цела Македонија, па сега Куманово е Општина со најголем број на заразени лица во Македонија, пресметано по број на жители. Имаме 2 или 3 пати поголем број на заразени дури и од Скопје.

Кога Македонија го очекува пикот (врвот) на болеста, ние остануваме без нашите херои. Самите граѓани преку солидарни акции ги снабдуваат нашите здравствени работници со најнеопходната опрема за самозаштита при лекување на заразените лица. Поради неподготвеноста на здравствениот систем имаме најголем број на заразени медицински лица. Ги праќавме во борба со вирусот со хируршка опрема, па сега имаме цело едно одделение заразени доктори и сестри кои ни се вон стројот за наредните 2-3 недели.
И тоа единствено поради кусогледоста на Владата и нејзиниот став дека тие од врвот подобро ги гледаат работите отколку Општинските штабови за заштита и спасување, кои секојдневно се меѓу граѓаните. Па дури СДСМ дополнително и си спроведува партиски акции за поделба на хуманитарни пакети за најзагрозените граѓани на Куманово( читај предизборен поткуп на гласачи).
И додека од пресовите наредуваат држење на дистанца едни од други, тие ги погазуваат со вакви акции кои можат на 101 начин да се избегнат. Ама ним им треба и публицитет. Не е садака, туку е реклама ова што партијата или семејството Заеви го работат. Вистински добротвор кога дава-тој и помогнатиот знаат, но не и околината. Добрината е за полнење на душата, а не за полнење на гласачките кутии.
Дополнително, и со сите оние турканици пред маркетите, банките, аптеките, кои и не се обидоа да ги надминат, а не може да се каже дека се вина само на граѓаните, се доаѓа до констатацијата дека сите други мерки на карантин и социјална изолација на граѓаните едни со други им се поништуваат. Епа сега, дајте објаснување зошто да се седи дома цела вечер, кога утре се ќе биде исто?
Се гледа дека никој нема јасна визија што ќе треба да се преземе во постапката за заштита на населението и изгледа дека Куманово со неговите граѓани е експеримантално подрачје на кои се прават опити, за да нешто после тоа се прошири на цела Македонија. Затоа и кај нас може да се воведува полициски час во нулти час, без било какво време за прилагодување на населението, а на сите други им се оставаат 48 часа за подготовки.
Епа другари, без увид во целата ситуација и јасни информации од самиот терен, на Илинденска или Бихаќка тешко ќе можете да работите за доброто на народот. Ако сакате вака да продолжите и во иднина, можеби е далеку подобро да го оставите вирусот слободно да се шири.
Верувајте лоша политика и лошо определени мерки се поголема штета отколку непостапување воопшто. Како што не оставија без соодветни мерки во првите 2-3 недели, ние ќе си го стекнеме природниот колективен имунитет (имунитет на стадото) и ќе си продолжиме со животот, без да ни бидат максимално кршени човековите права и слободи, што причинува ненадоместлива штета за нашата заедница.

Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ-Куманово



Слични Објави