ВЛАСТИТЕ ГИ ПОВИКАА АВСТРАЛИЈЦИТЕ ДА ИЗБЕГНУВААТ ЈАВЕН ПРЕВОЗ ЗА ВРЕМЕ НА ГОЛЕМ МЕТЕЖ ВО СООБРАЌАЈОТ

/

Австралиските власти ги повикаа Австралијците во најнаселената австралиска држава, кои ја започнаа својата прва недела на целосно ослободување на рестриктивните мерки наметнати заради коронавирусот, да избегнуваат јавен превоз кога се враќаат од работа бидејќи тогаш има најголем метеж во сообраќајот.

Премиерката на Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклијан изјави дека луѓето треба да патуваат до и од работа во моменти кога нема голем сообраќај и дека треба да користат што е можно повеќе велосипеди или свои возила за да го избегнат сообраќајниот метеж.

Австралиските држави и територии дозволија повеќе јавни активности според планот на федералната влада, која повика на трифазно олеснување на рестриктивните мерки по двомесечното затворање на земјата, што и помогна на Австралија да забележи релативно ниско присуство на пандемија на ковид-19.

Нов Јужен Велс, во кој е и најнаселениот австралиски град Сиднеј, во последните 24 часа пријави само еден случај на инфекција. Пријавен е и еден случај на смрт, првиот во една недела, а вкупно 99 луѓе заразени со коронавирус починале во целата земја, а вкупно заразени се 7.060 лица.

„Обично ги охрабруваме луѓето да користат јавен превоз, но со оглед на ограничувањата за време на најголемиот сообраќаен метеж и потребата да се почитува физичкото растојание, би сакале луѓето да размислат за различни начини на одење на работа“, рече премиерката.



Поради луѓето кои сè уште се принудени да користат возови и автобуси, владата најави „интензивно и континуирано“ чистење на целата мрежа за јавен превоз.

Извор: Макфакс



Претходна статија

ПОВЕЌЕ ОД 100 ДРЖАВИ БАРААТ НЕЗАВИСНА ИСТРАГА ЗА КОВИД-19

Следна статија

ОД УТРЕ ПРОДОЛЖУВА ВАЖЕЊЕТО НА БЕСПЛАТНИТЕ ГОДИШНИ СТУДЕНТСКИ БИЛЕТИ ЗА ЈАВЕН ПРЕВОЗ

Најново од Вести