„ВЛЕЗИ, НЕ СЕ СОБЛАКАЈ“ И ЕТНОНАСТАНИ НА „ПЕТРОВДЕНСКИ КОНАЦИ 2019“

Вечерва (8 јули 2019 г.) на програмата на манифестацијата „Петровденски конаци“ е етноизложбата на ракотворби којашто ќе биде поставена во фоајето на Центарот за култура „Бели мугри“. Отворањето е од 19 ч.

Во 20 ч. на Летната сцена ќе се одржи концерт на ансамбли под наслов „Фолклорно надигрување“.

Во вторник, на 9 јули, од 20 ч. на сцената на Центарот за култура ќе настапи Весна Петрушевска со стендапот „Влези, не се соблакај“, со кој ќе ја одбележи 25-годишнината од актерската кариера.

Стендап-претставата „Влези, не се соблакај“е исповед за животот на Весна Петрушевска. Во час и половина низ солзи и смеа Петрушевска ќе раскажува за нејзините подеми и падови, како и за најзначајните моменти од нејзиниот живот, детството, младоста, мажачката и инцидентот со автомобилот што ѝ падна во Вардар.

Актерката низ хумор раскажува како го запознала и се венчала со својот поранешен сопруг, но и за врската со помладото момче, со кого откако раскинала, ослабела 20 килограми. Раскажува и за тешките моменти на својот живот и за тоа како никогаш не верувала дека ќе падне во клиничка депресија.

Настапот во Кочани на Весна Петрушевска е дел од караванот низ Македонија со оваа претстава, по неверојатниот успех на премиерната изведба во МНТ, каде се бараше карта повеќе.