ВМРО-ДПМНЕ бара анкетна за трагедијата во Тетово, Џафери го одбил барањето оти во него го немало уставното име

/

Антонио Милошоски се пожали дека е одбиено нивното барање за формирање Анкетна комисија која ќе работи на утврдување на одговорноста за пожарот во модуларната болница во која загинаа 14 лица. Тој прстот го впери во владејачкото мнозинство за кое вели дека не сака да се расчисти чија е одговорноста.

„Со жалење сакаме да констатираме дека добивме неофицијална информација дека собраниското мнозинство ја одбива предлог-одлуката за формирање Анкетна комисија која што ја додадовме за да се утврдат фактите и недостатоците при изградбата и примопредавањето на употреба на модуларната болница во Тетово. Парламентарното мнозинство не сака да се расчисти овој случај и не сака да добијат одговор прашањата кој ја носи политичката и кривичната одговорност.“, рече Милошоски.

За формирање Анкетна комисија е и претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села.

„Стоиме зад секаква Комисија која ќе работи за да излезе вистината на виделина, за да има одговорност. Гледаме дека нема морал, па според тоа нема морална одговорност ќе треба да има законска одговорност за сите тие кои беа одговорни. За жал уште ден денеска гледаме дека од кога се случија овие многу тешки и немили настани јас не гледам дека обвинителството работи да свика некого на одговорност.“, рече Села.

Се огласи претседателот на Собранието Талат Џафери кој информираше дека барањето е отфрлено бидејќи на него не стои уставното име.



„Доставената Предлог на Одлука за основање на анкетна комисија за утврдување на факти и одговорност за пожарот во модуларната болница Ковид центарот Тетово од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ не е во согласност со Амандманот 23 од Уставот на Република Северна Македонија и ви се враќа како неуредна. Истата да се усогласи во рок од 15 дена.“, вели Џафери.

Во истовреме пак координаторот на СДСМ Јован Митрески се пожали дека опозицијата им блокирала околу 40-ина закони меѓу кои е и Законот за работни односи со кој се предвидува недела да биде неработен и кој треба да профункционира од 1 октомври. Има и закони кои се блокирани без малку цела година.

„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ упорно го кочат Законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија. Овој закон е влезен во собраниска процедура од 1.10.2020 година, точно пред 11 месеци. Во Комисијата за труд и социјална политика, деструктивното ВМРО-ДПМНЕ ги кочи измените на Законот за работни односи со кои недела станува неработен ден за 92 проценти од работниците.“, рече Митрески.

Претседателот на Собранието пак Талат Џафери ја откажа последната собраниска седница за по изборите, за како што беше наведено, да не се злоупотребува собраниската говорница за предизборни цели.

Претходна статија

Пендаровски од Генералното собрание на ОН: Подготвени сме за конструктивен дијалог со Бугарија

Следна статија

Хоџа убеден дека Касами ќе ги добие изборите во Тетово, Села без коментар: 17 октомври е тука и ќе видиме

Најново од Вести