ВМРО и Македонија: Крсте Петков Мисирков – контроверзите на еден историски мит (3)
Трагичниот крај на Илинденско- Преображенското востание, неговото задушување и одмаздата на Османлиските власти со сурови репресии, пред се врз цивилното население, освен нерешавањето на политичкиот статус на Македонија, донело и големо и масовно разочарување. Десетгодишната активност и подготовки на Организацијата за ослободување на Македонија, на крајот не го остварила идеалот- полна политичка и национална слобода на Македонија. Освен револуционерите, голем број на интелектуалци од Македонија, размислувале за нов концепт како понатамошно дејствување за остварување на зацртаната цел. Апостолот на македонската интелигенција во тој период, и идеен творец на македонската национална мисла, основоположникот на македонскиот литературен јазик Крсте Петков Мисирков ( роден во с.Постол во 1874 година), во неговото епохално дело „ За Македонцките работи“, издадено во Софија, неколку месеци после Илинденското востание, ги поставува темелите за создавање на една нова модерна македонска нација, различна од бугарската.Етнографот, филологот, учителот, и националниот деец, е издавач на многубројни дела, списи, текстови и списанија со кои ја опишува положбата на македонското население во рамки на Отоманската империја. Свесен за прекршените интереси на Големите сили врз прераспределбата на териториите на Балканскиот полуостров,а со тоа и на Македонија, Мисирков е на јасно дека дипломатиите на Големите сили нема да дозволат создавање на политичка заедница на Македонија во рамките на нејзините етногеографски граници. Исплашен од можноста за поделба на целовитото национално ткиво на Македонија помеѓу соседните земји, кои веќе функционирале како независни држави со аспирации за нивно територијално ширење на сметка на Македонија, Мисирков веќе ги поставува контурите на модерната политичка нација на Македонците, одвојувајќи ја од панбугаризмот како модел на „ обединување на сите бугарски земји“ ( Мизија, Тракија,Добруџа и Македонија). Никулецот на „ македонизмот“ како една идеја го засадува токму овој великан на македонската национална и научна мисла, поставувајќи основа за формирање на еден македонски нормиран јазик, кој ќе биде основа за создавање на идната македонска засебна нација, а со тоа и држава. Крсте Мисирков е свесен за големата пропаганда на соседните држави, кои преку своите национални цркви, имала за цел всадување на туѓа национална свест кај словенското население, во прв ред таа на Пеќкската патријаршија ( српска) и Вселенската патријаршија ( грчка). Како визионер, тој и предвидел дека неможноста да се формира една посебна македонска политичка целина, нужно ќе доведе до раскинување на македонската територија ( што и десетина години подоцна со виорот на балканските војни, и се случило), Мисирков ја дава основата на модерниот македонски национален јазик. Имено, тој како основа на јазикот ги предложува наречјата од средишниот ( централниот) дел на Македонија ( битолско-прилепско-велешкото) наречје, како дијалекти кои ќе направат диференцијација на македонскиот јазик од соседните јазици.
„ Ние сега не се одвојуваме од Бугарите, и со тоа не раздробуваме едно исто национално јадро, туку веќе дваесет и пет години сме раздвоени, и живееме одделно . Други не разделија, и создадоа од нас и Бугарите различен живот, разни потреби, а со тоа и нерамноправна положба. Други и не ни даваат да се соединиме“.
Токму во овие негови размисли, можат да се увидат контурите на неговото философско и политичко размилсување околу иднината на македонскиот народ и иднината на Македонија како цело. Прониклив, и разумен интелект, тој разбира дека големите интересии на империите кои ја кроеле балканската карта, не дозволуваат македонците и бугарите да живеат во една единствена држава , бидејќи истата ќе претставува дисбаланс на интересите големите сили , а со тоа и на балканските народи и држави. Од друга страна, по гибелот на Илинденското востание, тој сфаќа дека Македонија не изнедрила внатрешни сили, кои ќе овозможат нејзино ослободување ( со или без официјална помош од официјална Софија), и единствениот спас на македонското јадро, мислителот Мисирков го гледа во создавањето на македонската одделна нација. Балканските војни, како иронија на судбината ги потврдуваат стравовите и сомнежите на Мисирков за иднината на Македонија, и тој разочаран од раскинувањето на македонското национално ткиво, по завршувањето на овие балкански војни и Првата светска војна, зазема други стојалишта и позиции околу иднината на македонскиот народ. Свесен дека новонастанатата ситуација се заканува до целосно исчезнување и претопување на македонскиот етнос во националните ткива на соседните нации, тој пишува петиции и писма до претставниците на Големите сили , со кои се заложува решавањето на македонското прашање да биде во бугарски контекст.Имено Мисирков, разгледувајќи ја фактичката состојба, разбира дека во рамките на бугарската заедница, македонското прашање ( создавање на посебен јазик, нација и политичка заедница), најлесно ќе може да се реализира, штитејќи го македонското словенско население од понатамошна асимилација од страна на српската и грчката држава. Скоро 90% од етногеографската територија на Македонија, после балканските војни попаднала во овие две соседни држави, и тоа претставувала реална опасност за Македонците да бидат за брзо време претопени во Грци или Срби. Животниот пат на Крсте Петков Мисирков ( 1874 -1926 година) е трнлив, брдовит и полн со контроверзи, премрежја и турбуленции, како да го опишува патот на обичното македонско население кон крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век во борбата за македонска политичка слобода. Тоа ни дава за право, да констатираме дека Мисирков после се , ќе остане запаметен како најголемиот мислител, интелектуалец и национален деец на Македонија во пред и постилинденскиот период на Македонија, човек кој ги поставува контурите и темелите на идниот македонски литературан и нормиран јазик, а со тоа и на идната модерна политичка македонска нација.
(Продолжува…)
Автор: Благојче Атанасоски, историчар, М-р по политички науки

