|

Во 99-тата година од животот почина познатиот бугарски ликовен уметник Љубен Зидаров

На 3 јануари 2023 година, пред да наполни 100 години, почина Љубен Зидаров. Се збогуваме со една од најблескавите личности во областа на бугарската ликовна уметност во изминатиот век.

Ова го соопшти Сојузот на бугарските ликовни уметници.

Љубен Зидаров остави извонредно дело во областа на илустрацијата и живописот, со кои го формираше вкусот на неколку генерации. Активен уметник до последните денови, нè инспирираше со својот бескраен порив за создавање и експериментирање, со својот оптимизам и суптилна смисла за хумор.

Љубен Зидаров е длабоко поврзан со Сојузот на бугарските ликовни уметници низ годините – бил претседател на Творечкиот фонд во 1980-тите, од 1996 до 1999 година е претседател на СБХ (Сојузот на бугарските ликовни уметници).

Роден во Велико Трново во 1923 година, неговиот татко Христо е бежанец од Костур. Дипломирал сликарство кај проф. Илија Петров во 1948 година, но уште како студент цртал бројни илустрации и стрипови за разни весници и списанија. Во 1950 – 1970 година цртал за детските изданија на весникот „Септемвријче“ и на списанието „Славејче“, бил главен уметник на издавачката куќа „Народна младина“ (1967 – 1970). Меѓу неговите најзначајни илустрации се „Приказните за Шехерезада“, „Бугарски народни приказни“, „Островот на богатството“ од Роберт Луис Стивенсон, „По сенките на облаците“ од Пејо Јаворов, „Морскиот волк“ од Мејн Рид, „Том Соер“ од Марк Твен, „Приказни“ од Ханс Кристијан Андерсен, „Приказни од целиот свет“ од Николај Рајнов.

За својата работа, Љубен Зидаров ја добил државната титула народен уметник. Добитник е на различни награди: сребрен медал (1959) и златен медал (1965) од Меѓународната изложба на книга во Лајпциг, награда на ДКМС за уметност и култура (1970), награда „Борис Ангелушев“ на СБХ за илустрација (1976 година), а исто така и орденот „Кирил и Методиј“ – 1 степен во 1963 година. Во 2014 година е награден со Големата награда на Софија за севкупно творештво и особен придонес во областа на културата. Во 2016 година ја добива наградата „Златен век“ на Министерството за култура.

Во 2022 година ја доби титулата почесен доктор на Академијата за ликовни уметности во Софија.

Слични Објави