|

Во Грција беснеат пожари, властите наредија евакуација: Горат куќи во Лагониси, критично околу Лутраки

Пожарникарите, спасувачките екипи и армијата во Грција се обидуваат да ги локализираат пожарите кои избувнаа на повеќе локации.

Според локалните медиуми, ситуацијата е неизвесна околу Лутраки, а драматична во Лагониси, каде пожарот наводно зафатил и куќи.

Според првите информации, наредена е евакуација од одредени области. Се замолуваат граѓаните и туристите од Лагониси да се упатат во правец на Атина. Надлежните велат дека пожарот почнал да се шири кон блиската Саронида и дека огнот повеќе не е под контрола.

Пожар зафати шума кај Лутраки, повеќе од 50 пожарникари со 20 возила се на терен. Во гаснењето на пожарите се вклучени и канадери и хеликоптери.

Засега е издадена наредба да се започне со евакуација на областите Калитеа, Пефки и Ирини каде пожарот зафати и куќи.

Заменик-регионалниот гувернер на Коринт, Харилаос Витиниотис истакна дека приоритет е евакуацијата на кампот каде има околу 800 деца.

Децата од кампот, како што пренесуваат локалните медиуми, се префрлени во затворената гимназија Лутраки.



Слични Објави