|

Во келијата на Нино Васев пронајдени три мобилни телефони, тој тврди дека не се негови

На денешното рочиште за „Онкологија 2“, судијката Славица Наумовска Јосифовска информираше дека Кривичниот суд добил известување од КПУ Затвор Скопје дека во келијата на поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, биле пронајдени и одземени три мобилни телефони.

Васев пред судот изјави дека телефоните не се негови.
„Сакам да ве известам дека имаше повеќе контроли. Кај мене не е пронајден и не е одземен мој телефон,“ рече обвинетиот.

Против Васев и поранешниот организациски директор Нехат Нухи се води постапка за фиктивни тендери и несовесно економско работење во периодот 2018–2022 година. Според обвинението, тие незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле буџетот за речиси 36 милиони евра.

Во обвинителниот акт стои дека кривичните дела – злоупотреба на службена положба, измама и проневера – биле извршени преку пречекорување на службените овластувања, спротивно на повеќе закони, со што прибавиле значителна корист за добавувачите на лекови и направиле штета на Фондот за здравствено осигурување.

Васев е обвинет и во друг предмет за несовесно лекување пациенти на Клиниката. Покрај тоа, заедно со тројца онколози, се соочува со постапка за несовесно лекување, каде второобвинетата Мери Пешевска призна вина, додека останатите обвинети ја негираат.

Следното рочиште за случајот е закажано за 17 септември.

Слични Објави