Вучиќ: Јас самиот одлучив да влезам во одделението за интензивна нега кај настраданите пациенти од пожарот во Кочани
Никого не прашав. Јас сам влегов во просториите за интензивна нега, кај настраданите македонски младинци во пожарот во дискотеката во Кочани. Ова го изјави српскиот претседател Александар Вучиќ како одговор на револтот поради неговата постапка, пренесе БГНЕС.
Српските студенти демонстранти побараа да се откријат одговорните за присуството на Александар Вучиќ и медиумските екипи во одделението за интензивна нега на Универзитетскиот клинички центар на Србија на 17 март. На ова одделение се примени пациенти повредени во пожарот во Северна Македонија. Според нив, претседателот и неговата придружба не биле соодветно опремени и ги загрозиле животите на оние кои се лекуваат.
„Немаат што да бараат. Никој не ми даде дозвола. Сам отидов кај нив“, изјави неколку пати Вучиќ по средбата во Париз со францускиот претседател Емануел Макрон. Според него, тој сакал да покаже колку е добра клиниката за изгореници, која била изградена во негово време.
Постапката на Вучиќ предизвика остри коментари, во Србија и во Северна Македонија. Сите го опишаа неговиот потег како „брутална ПР кампања на сметка на здравјето и животот на тешко повредените“.
Кога влезе на отделот за интензивна нега, Вучиќ беше во придружба на десетици репортери и фоторепортери.