ЗА CONSERVATIVE.MK

Ваш став Истакнато Позиција

Драги читатели,

Многумина од вас се прашуваат што е она што сакаме да ви го прикажеме со нашите колумни, видеа и цитати; зошто се важни темите за коишто пишуваме и која е главната идеја којашто стои зад овој наш подвиг.

Нашата визија е CONSERVATIVE.mk да претставува постулат на конзервативната идеологија во државата. Само така, обединети, преку зачувување и негување на традиционалните вредности, можеме истите да им ги оставиме во аманет на идните генерации и да придонесеме за создавање здрав и убав живот во една слободна држава.

Ние веруваме дека конзервативците во нашата држава постојано треба да работат и да се борат за следниве принципи ̶ основа на Декларацијата на Рејкјавик (Reykjavik Declaration of ACRE) за кои се залага АКРЕ:

Европа составена од независни држави кои работат заедно за остварување заемна добивка, задржувајќи го својот идентитет и интегритет;
Еднаквост на сите европски демократски држави, без оглед на нивната големина и независно од тоа во кои меѓународни здруженија се здружуваат;
Остварување на државната власт на најниско можно ниво – од страна на инволвираните поединци, каде што е возможно, или од страна на локалните или националните власти со предност пред наднационалните тела;
Здрави општества засновани врз достоинството и автономијата на поединецот, којшто треба да биде ослободен од државна принуда. Слободата на поединецот вклучува: слобода на вероисповед и богослужба, слобода на говор и изразување, слобода на движење и здружување, слобода на договор и вработување и слобода од репресивно, арбитрарно или казнено оданочување;
Еднаквост на сите граѓани пред законот, без оглед на етничката припадност, полот или социјалната класа. Отфрлање на сите форми на екстремизам, авторитаризам и расизам;
Негување на важната улога на граѓанските здруженија, семејството и другите тела кои формираат врска помеѓу поединецот и владата;
Признавање единствена демократска легитимност на националната држава;
Ширење слободна трговија и отворена конкуренција во Европа и на глобално ниво;
Да ги поддржува принципите на Прашката декларација од март 2009 година и работата на европските конзервативци и реформисти во Европскиот парламент и сојузничките групи на другите европски собранија.
Воедно, тука ќе можете да прочитате и за други десничарски идеологии тесно поврзани со конзерватизмот, како што се либертаријанството, капитализмот, зелениот конзерватизам и енвиронментализам, традиционализмот, прогресивизмот, слободниот пазар и економија и национализмот.

За да ви докажам дека конзервативизмот и вас ве засега ќе цитирам еден дел од воведната статија на списанието The Conservative Online (јануари, 2017) од Даниел Ханан:

,,KОНЗЕРВАТИВИЗМОТ Е ПОВЕЌЕ ИНСТИНКТ ОТКОЛКУ ИДЕОЛОГИЈА. ТОЈ Е ИРОНИЧЕН, ИСПИТУВАЧКИ НАСОЧЕН, ЛАДНОКРВЕН И НЕДОВЕРЛИВ КОН ГОЛЕМИТЕ ТЕОРИИ. КАКО ШТО КАЖАЛ МАЈКЛ ОАКШОТ — КОНЗЕРВАТИВЦИТЕ ПРЕФЕРИИРААТ СЕГАШНА СМЕА ДО УТОПИСКО БЛАЖЕНСТВО. ТИЕ ЗНААТ ДЕКА НЕШТАТА КОИ ГИ НЕГУВААТ: ПРАВО НА СОПСТВЕНОСТ, ПАРЛАМЕНТАРНА ВЛАДА, ЛИЧНА СЛОБОДА, НОРМИ НА УЧТИВОСТ, БАРААТ ДОЛГО ВРЕМЕ ЗА ДА СЕ СОЗДАДАТ, НО МНОГУ БРЗО МОЖЕ ДА СЕ УНИШТАТ. TИЕ БЕСРАМНО УЖИВААТ ВО ВИСОКАТА КУЛТУРА КОЈА ЈА ОФОРМИЛЕ НИВНИТЕ ПРЕДЦИ”.
Со почит,

Александар Богоевски
Главен и одговорен уредник на CONSERVATIVE.MK
Претставник на Алијансата на конзервативци и реформисти во Европа за Македонија

За дополнителни инофмрации за АКРЕ (www.acreurope.eu)

Извор: www.conservative.mk