|

За два дена пациентите кои чекаа и по една година Комисија за туѓа нега, добија термини

Повеќето матични лекари повеќе немаат пациенти со незакажан термин за туѓа нега. Изминативе два дена преку обновениот систем „Мој термин“ сите добиле термини. Матична лекарка од Скопје која речиси три децении работи со вакви пациенти вели дека не се сеќава кога последен пат сите пациенти биле закажани.

„Кај мене нема незакажан пациент, а низ годиниве имав и такви кои и по речиси една година чекаа да стигнат на ред за Комисија. Изминативе два дена системот им додели термини на сите што беа внесени и ваков систем на работа е навистина за поздравување. Пациентите за кои вчера креирав најава, денес веќе имаат закажани термини. Последниот закажан термин а за во март, но закажан е“, вели Марија Михајлова, специјалист по семејна медицина од ПЗУ„Семед“ во Поликлиниката „Букурешт“.

Измените за закажување комисија за туѓа нега, кога тим од неколкумина лекари специјалисти дава конзилијарно мислење за состојбата на пациентот кој бара надоместок за помош од друго лице, се функционални од понеделникот.
Досега матичните лекари се жалеа дека пациентите беа оставени да чекаат со месеци оти секогаш кога во некоја од здравствените институции ќе биле пуштени термини за комисии, ги снемувало буквално за две минути. За пуштените термини, не добивале ниту известувања, па постојано некој од ординациите морал да проверува дали некаде има термини за да успеат да ги зафатат.

Матичните лекари очекуваат на ист начин да се организира закажување на редовните скрининг-прегледи за карцином на дојка како и годишните прегледи за хронични, незаразни болести.

Од „Мој термин“ велат дека постојано работат на воспоставување автоматизирани процеси на работа во ординации, но, засега, нема најави која ќе биде следната промена и дали ќе ги прифатат барањата на лекарите за закажување на редовните скриниг-прегледи.

Слични Објави