|

За погодности се дава мито, во 14 квадрати се сместени 15 лица, се спие на под – Зибери за проблемите во „Идризово“

Состојбите во казнено-поправните установи, кои ги затекнал Народниот правобранител, покажуваат дека тие се натрупани со затвореници во несоодветни услови. Народниот правобранител, Насер Зибери, констатира дека во најголемиот затвор „Идризово“ каде затворениците треба да се ресоцијализираат, тие се предмет на барање мито, владее и корупција. Зибери додаде дека несоодветните услови за сместување доведуваат и до насилство.

„Генералната констатација е дека се уште се присутни проблемите поврзани со прекубројноста на осудените лица, несоодветни услови во кои се сместени и несоодветната здравствена заштита. Ваквата состојба создава висок ризик на меѓузатвореничко насилство. Проблемот за кој со години не се изнајде решение е навремената здравствена заштита на осудените лица“, посочува Зибери.

Тој додава дека проблемите се многубројни, особено во „Идризово“.

„Општа констатација е дека во најголемиот затвор во државата, во затвореното одделение, во најголемиот дел од просториите не се почитуваат европските затворски правила, според кои како минимален стандард за сместување на лица лишени од слобода, налагаат четири метри квадратни во заедничко домување или шест во самостојно домување. Тука условите доведуваат до нечовечки и понижувачки третман на осудените лица“, посочи Зибери.

Состојбата е далеку од задоволителна во „Идризово“. Во крило на затворот, затвореници немале ни по квадрат каде можат да ја отслужуваат казната.

„Во трето крило, во една просторија со површина од 14 метри квадратни, се сместени 15 осудени лица. Ниту еден квадрат немало цел за еден затвореник. Во тие 14 квадрати, шест осудени спијат на душеци на под, а останатите на кревети на четири катови. Во друга просторија со површина од 21,5 метри квадратни, сместени се 11 осудени лица. Во трета просторија во просторија од 19 метри квадратни, сместени се 10 осудени лица“, кажа Зибери.

Во друго крило, 36 лица спиеле на душеци на под, во самиот ходник во крилото и користат заеднички тоалет.

„Затвореници се сместуваат по ходници и на под“, додаде Зибери.

Секој ден се вика Брза помош и се носат затвореници на прегледи по Клиники, оти во затворот нема доктори

„Медицинскиот персонал не е доволен и не може да одговори на затворените лица“, додаде тој.

Користењето на погодности е со давање мито.

„Добивањето на одредена погодност се уште се уште се користи на начин што подразбира и подмитување. Има сериозни наводи дека митото, корупцијата и другите негативни елементи се присутни во затворот“, посочи тој.

За состојбата во „Идризово“, во интервју „Макфакс“ зборуваше и в.д. директорот Зоран Јовановски.

Слични Објави