| |

“Заедништвото” на “Западен Балкан” – ЕУ како единствена столица

Никица Корубин

Одлуката на српскиот претседател, Србија да нема своја делегација на самитот ЕУ-Западен Балкан (за сега), во стилот “одам-не одам” иако не е прва, како стратегија; е индикативна во дадениот момент, во пакет со санкциите од САД кои може драматично да кулминираат и значително сменетиот пристап на ЕУ и кон Србија и кон “Западен Балкан”. Во слична ваква “дилема” бевме, до ден денес без никакво образложение, вклучени и ние, тогаш заедно со Албанија, во пакетот наречен “Отворен Балкан” во летото 2022 година.

Истиот самит на ЕУ на кој ги отпочнавме преговорите со ЕУ и со кој ја добивме преговарачката рамка по која речиси 4 години одбиваме да постапиме; започна со “заедничката закана” дека нема воопшто да присуствуваме – цел “Отворен Балкан” топтан: Србија, Албанија и Северна Македонија – кој кулминираше со парадоксална заедничка прес-конференција на три независни држави, во која нашиот премиер ги “испорачуваше” условите до ЕУ, додека дома претседателот изражуваше скепса, воопшто за отпочнување на преговорите. Исходот е познат: Северна Македонија и Албанија ги отпочнаа преговорите, токму тогаш, и остана “нејасно” за кого всушност беше цела таа игра?

А, уште “понејасна” е реакцијата денес на тогашната власт, а сегашна опозиција која го делеше “одам-не одам” пристапот со Албанија и Србија; на вчерашното отсуство на премиерот од собраниска седница, замислете “поради пат во Брисел”. Пат, кој не е туристички, туку официјално учество на државата на самиот ЕУ-Западен Балкан, и кој го наметнува прашањето: а, што треба по нивната “логика од 2022 година” да прави? Да го следи “максимално стеснетиот” Отворен Балкан, во кој тие така великодушно и темелно не’ внесоа?

Што не’ доведува до “новоразбудената” стратегија за “мобилизирање на граѓаните” – ама не за ЕУ туку “против мигрантите”. Значи, дали според логиката на опозицијата која гравитира околу СДСМ, блокираањето на државата, поради одбивање да се исполнат обврските од прговарачката рамка, која и тогаш со наметната “одам-не одам” стратегија и песимизмот, беше на раб да се бојкотира; граѓаните не треба да се “мобилизираат” околу ЕУ, туку треба да се “мобилизираат” против “мигрантите? Кои се финансиска “замена” за ЕУ?

Затоа што, ако се базира цела “опозициска мобилизација” околу прашање на влез на мигранти од трети земји, без контекстот на нашата само-блокирана интеграција во ЕУ и без јасна и недвосмислена ЕУ позиција – на дело – претпоставувајќи дека заемот од Велика Британија е “времениот финансиски, политички и безбедносен бајпас до ЕУ”; тогаш ЕУ во нивниот наратив е проблемот, а не потенцијалните мигранти сами по себе. Тоа не ја исклучува сложената и комплицирана ситуација со евентуално превземање на мигранти од трети држави; туку само ја злоупотребува и користи како алатка за скандализирање на општеството и ширење на уште една форма на фобија (на сите постоечка).

Премолчувајќи го главниот апсурд на двете страни (власт-опозиција); едните декларативно се восхитуваат на “анти-мигрантската” политика на американската администрација, а бранат мигрантска политика дома (за купување време) во неизвесна сегашност и иднина со свесно блокирање на ЕУ интеграциите; а другите свесно форсираат “анти-мигрантска” политика како чиста “асоцијација на страв и демонстрација на опасност”; прескокнувајќи ја главната опасност: блокадата на ЕУ преговорите по поглавја. И хипотетички, немаме ЕУ, немаме “пари од мигрантите” од Велика Британија, што ќе остане – бојкотот на ЕУ на “Отворен Балкан” од 2022 година, сега сведен на “двајца” со обврска за јасен избор на “една столица”?

Главниот проблем на евентуалниот договор со Велика Британија за превземање на мигранти се наоѓа во договорот на Велика Британија со Руанда, на истата тема од истата 2022 година, кога “бевме на две” дали да одиме или да не одиме на самиот на ЕУ. Договор кој е суспендиран од страна на уставниот суд на Велика Британија, поради потенцијално загрозување на “иднивидуалните човекови права” на мигрантите и нивната слободна воља. Кои, нашите власт и опозиција, како традиционално многу загрижени за “човековите права” – иако повеќе за “нашинците во соседството” отколку за сопствените граѓани, не ги ни споменаа во “дискусијата”.

Па, така повторно останува единственото и главно прашање, кое се случува во Брисел, а кое требаше да биде завршено во Скопје, уште пред 4 години. И тука лежат сите “проблеми и решенија на истите”. И само тоа прашање е прашање за мобилизација. Затоа што европската иднина на држава не е прашање на избор, туку на финансиски, економски, политички, култоролошки и цивилизациски опстанок на демократско општество. “Преговорите започнуваат веднаш и без дополнителна политичка одлука, кога ќе завршат уставните измени”, извесно ќе каже Советот на ЕУ деновиве, како најголема и најискрена поддршка на граѓаните и на државата, и кое мора да биде поздравено и имплементирано веднаш.

Една столица. Тоа е пораката и на ЕУ и на САД. САД, кои патем речено, деновиве интензивно ги водат преговорите за сеопфатно стратешко партнерство, започнато во 2020 година, ама не со нас, туку со Бугарија. Па, зошто за ова совет “во билатералните односи” не се бара? Како предлог, кој една “проевропска” и “прозападна” опозиција треба да го даде на декларирана иста таква власт. Кога зборовите би ги завршиле работите на делата.



Слични Објави