(Видео) Националната детска болница во Бугарија треба да биде завршена во 2028 г.
Визуелизација на Националната мултидисциплинарна детска болница беше претставена денеска од Министерството за здравство на Бугарија и Здравната инвестициона компанија, јавува БГНЕС.
Бугарскиот министер за здравство доц. д-р Силви Кирилов нагласи дека идната болница ќе биде многу повеќе од обична зграда. Градбата се очекува да започне во март или април 2026 година и да заврши во 2028 година.
„Ова е проект кој четири децении го чека своето остварување“, додаде министерот, истакнувајќи дека нема да има компромиси во врска со технологиите и квалитетот.
Според здравствените власти, болницата ќе го постави почетокот на нов стандард во детската здравствена заштита. Веќе се утврдени стратешките параметри на проектот – од бројот на клиниките до потребниот персонал.
Според зборовите на Кирилов, болницата ќе биде клучен елемент од нов модел на здравствена грижа, кој се гради не на ветувања, туку на реални чекори. „Инвестицијата во здравјето на децата е инвестиција во иднината и во довербата дека нашата земја може повеќе – не само во медицината, туку и во грижата за луѓето“, рече тој.
Проектот, кој чека со децении, предвидува изградба на современа здравствена установа со 440 кревети, распоредени во 26 специјализирани педијатриски клиники. Во комплексот ќе има и над 38 дијагностички кабинети и 18 сали за хируршки интервенции. Идејата е да се обезбеди сеопфатна и достапна грижа за децата и нивните семејства во рамките на една модерна зграда.

