ЗАПОЧНА 57. ИЗДАНИЕ НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА
Со традиционалното читање на песната „Т’га за југ“ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата „Браќа Миладиновци“, синоќа во Струга почна 57-то издание на најголемата светска поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“ …
Манифестацијата официјално ја отвори министерот за култура Асаф Адеми, кој во своето обраќање ја истакна важноста на поезијата за еден народ, за една култура, за државотворноста и за човештвото воопшто.
-И ден денес како кај нас така насекаде во светот, местата од каде допира светлината во нашите срца – највисоките образовни и културните институции најчесто носат имиња на поети – оние кои поетот Дилан Томас ги опиша како бунтовници против мракот, оние кои врескале низ вековите кога светлината сакала да си замине од човештвото-рече Адеми. Тој во своето обраќање изрази уверување дека сите ние пред се наново ќе ја разбереме големината и суштинската важност на оваа манифестација без напразно да ја славиме и обожуваме, затоа што како што еден поет еднаш истакнал: “Најголемата самотија за еден поет е да биде славен и обожуван без да биде вистински разбран!”.
По свеченото отворање се одржа меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“, на кое поетите учесници читаа стихови од својата поезија.
Инаку, според традицијата, манифестацијата започна претпладне со садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на добитникот на највисокото признание „Златен венец“ за 2018 година, полскиот поет Адам Загајевски.
Во текот на шесте фестивалски дена во програмата се предвидени повеќе настани, поетски читања, портрети, претставувања на издавачките проекти, сипозиуми, дебати, музички и други случувања. Престижната награда „Златен венец“ ќе му биде врачена на Загајевски на затворањето на фестивалот на традиционалното поетско читање „Мостови“, кога ќе бидат доделени и наградите: „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга од млад светски автор и „Браќа Миладиновци“ за најдобра стихозбирка меѓу две фестивалски изданија.
