|

Зеленски: „Мирот“ на Путин ќе и даде можност на Русија повторно да ја нападне Украина

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, остро ги критикуваше намерите на рускиот лидер Владимир Путин Киев да отстапи украински територии како услов за прекин на војната. Тој предупреди дека отсуството на „вистински мир“ ќе ѝ даде на Русија можност повторно да изврши инвазија, јавува БГНЕС.

Зеленски потсети дека недостигот на меѓународен одговор за анексијата на Крим во 2014 година и задоцнетата помош пред почетокот на целосната инвазија во 2022 година, ѝ овозможиле на Москва да продолжи со агресијата.

„(Путин) ја доби можноста да го заземе Крим и тоа доведе до окупацијата на Донецката и Луганската област. Не доби превентивна казна кога ги струпа војските на нашите граници. Тоа доведе до целосна војна и окупација на уште повеќе украински територии. Сега Путин бара да му се прости за заземањето на јужниот дел од Херсон, Запорожје, целата територија на Луганск и Донецк, и Крим,“ изјави Зеленски.

Тој додаде дека „нема да дозволиме втор руски обид да ја подели Украина“ и предупреди: „Познавајќи ја Русија – каде што има втор пат, ќе има и трет. Затоа стоиме цврсто на јасни украински позиции.“

На 15 август во Аљаска е планирана средба меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп, и Владимир Путин, на која ќе се разговара за рускиот план за прекин на огнот во замена за предавање на источни украински територии на Москва. Консултациите меѓу ЕУ, Украина и САД резултирале со одбивање на руската понуда, а пред средбата била претставена контрапозиција од Вашингтон, јавува Волстриит џурнал.



Слични Објави