| |

Зеленски оди на средба со Трамп со поддршка од европските лидери

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се упати кон Белата куќа на клучна средба со американскиот претседател Доналд Трамп, придружен од група европски лидери. Средбата доаѓа во момент на растечка тензија меѓу Киев и Вашингтон околу можниот мировен договор со Русија, јавува БГНЕС.

Според агенцијата АФП, Трамп врши притисок врз Украина да прифати сериозни отстапки по неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин минатата недела во Алјаска. Меѓу условите што тој ги споменал се откажување од Крим и амбициите за членство во НАТО – главни барања на Москва.

Зеленски, кој претходно одржа состаноци со европските лидери, го повика американскиот претседател да донесе „мир преку сила“ во односите со Русија и ја потенцираше потребата од безбедносни гаранции од САД.

Двајцата лидери најпрво ќе разговараат тет-а-тет во Овалната соба, а вниманието на јавноста е насочено кон тоа дали ќе се повторат драматичните сцени од февруари, кога Трамп и неговиот потпретседател Џеј Ди Ванс јавно го критикуваа украинскиот лидер.

„Ова е голем ден во Белата куќа,“ порача 79-годишниот Трамп во објава на неговата платформа Truth Social, додавајќи дека „точно знае што прави“ и дека не му се потребни совети од, како што вели, „луѓе кои со години работат на овие конфликти без да постигнат резултати“.

Подоцна во текот на денот, американскиот претседател ќе одржи одделни средби со лидерите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Финска, како и со генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Прв што пристигна во Белата куќа беше генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој беше пречекан од шефицата на протоколот Моника Кроули, јави Си-Ен-Ен.



Слични Објави