Зеленски ја истакна потребата од гаранции за безбедноста на Украина за време на посетата во САД
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека негов фокус во следниот период ќе бидат западните гаранции за безбедност. Неговите коментари дојдоа по средбата со американскиот специјален пратеник Кит Келог и консултациите со европските лидери, во пресрет на важните разговори со американскиот претседател Доналд Трамп, јавува БГНЕС.
„Ќе имаме време да зборуваме за архитектурата на безбедносните гаранции. Тоа навистина е најважното“, нагласи Зеленски за време на преговорите со Келог.
Тој подоцна на социјалната мрежа Х порача дека „кога се дискутира за мирот на една земја во Европа, тоа значи мир за цела Европа. Подготвени сме да продолжиме да работиме со максимални напори за да ставиме крај на војната и да обезбедиме сигурна безбедност“.
Зеленски, користејќи реторика слична на Трамп, додаде дека кон Москва мора да се покаже решителност: „Русија може да биде принудена кон мир само со сила, а претседателот Трамп ја има таа сила. Треба да направиме сѐ што е потребно за да постигнеме мир“.
Украинскиот претседател подоцна се сретна со европски лидери во украинската амбасада во Вашингтон, кои пристигнаа да изразат поддршка. Заедничка средба со американскиот претседател е најавена за подоцна.

