„Жена на годината“ на „Glamour Бугарија“- Директорката на Бугарската национална телевизија Милена Милотинова доби награда за „Лидерство со влијание“
Списанието „Glamour Бугарија“ ги додели наградите „Жена на годината“ на свеченост во Централниот воен клуб во Софија, јавува БНТ.
Традиционално, во средината на ноември, списанието им оддава признание на успешни жени за нивниот значаен придонес и постигнувања во модата, бизнисот, уметноста, културата и општествениот живот. Генералната директорка на Бугарската национална телевизија (БНТ), Милена Милотинова, ја доби наградата во категоријата „Лидерство со влијание“.
„Можеби е признание, но не само за мене. Тоа е признание и за Бугарската национална телевизија, зашто ниту еден успех нема само една мајка. Станува збор за тимска работа, за луѓе кои веруваат во тебе и во кои и ти веруваш. Токму затоа му благодарам на тимот на Бугарската национална телевизија, на сите оние луѓе кои неуморно и систематски, понекогаш и деноноќно, работат за да ја информираат нашата публика, да ја забавуваат со нашите забавни емисии и да го создаваат сето она што Бугарската национална телевизија го нуди на своите четири програми“, изјави Милотинова.
Победничката на „Евровизија 2026“, ДАРА, беше наградена во категоријата „Инспирација“. Наградата ја прими нејзината мајка Катја Ганева.
„Надмина многу пречки за да стигне таму каде што е денес. Вложи многу труд, беше храбра, упорна и полна со инспирација и го сака сето она што го прави. Секако, јас секогаш бев крај неа, со онаа безусловна љубов што секоја мајка може да му ја даде на своето дете. Сакам само да ви порачам да ги поддржувате своите деца и да бидете покрај нив, зашто секое, баш секое дете носи во себе талент што треба да се негува и развива“, рече Ганева.
Викторија Сваровски, водителката на годинашното издание на најголемиот избор за песна во светот, ја доби наградата „Меѓународен талент“. Милотинова ја покани да биде специјална гостинка на „Евровизија“ во Бугарија во мај.
„За мене ова е голема чест и ја примам со голема скромност. Чувствувам и мала возбуда. Неизмерно сум среќна, бидејќи вложивме толку многу труд, а ова е признание за целиот мој тим и за сето она што го постигнавме низ годините. Затоа, од срце му благодарам на „Glamour““, изјави Сваровски.
