ЗНАЕ ЛИ НАРОДОТ ШТО СЕ СЛУЧИЛО НА 13 НОЕМВРИ 1944 Г?
Вчера го славевме 13ти Ноември, денот на ослободувањето на Скопје, а воедно и роденден на градот. Како гордо звучи тоа. Се споделуваат слики од влезот на партизаните и подоцнежните митинзи, знамиња на градот Скопје по улиците, Биба објави препев на „Скопје“ од Леб и Сол, „Скопје радост ти ќе бидеш“ се појавува тук и там по ѕидовите на моите социјални мрежи. Особено периодов после сите р’чки со Бугарија актуелни се сите овие празници од Втората светска војна. Иако во многу помала мерка од 11-ти Октомври, сепак за разлика од минатите години и двата празника добиваат поголемо внимание од вообичаеното.
Околу сето тоа, мене само една работа ми пречи. Дали тоа народот знае всушност што слави и што се случило на овој ден? Низ интернетот, помеѓу патриотите од типот на тие што ја слават југословенизацијата на Македонија, кружи една слика. На нејзе има толпа луѓе, огромна и до недоглед собрана на скопскиот плоштад. Над сликата, стои опис како Скопје пред 75 години на тој начин ја слави слободата од бугарските туристи и германските инвеститори. Сакаат да покажат со сликата колку било масовно партизанското движење и како едвај целиот народ го дочекал ослободувањето на Скопје од „гнасната бугарска фашистичка рака“. За жал на тие што ја споделуваа сликата, ништо од тоа не е вистина.
Тие што малку подобро ја знаат историјата на нашиот град, ќе забележат дека не постои никаква шанса таа слика да е направена во 1944та година. Имено, зградата на комплексот „Пелистер“ и стоковната куќа „НАМА“ не постојат се до крајот на 50тите години. Исто така и повеќето згради позади Ристиќевата палата не постојат во тоа време. Вистина е, партизаните се дочекани со цвеќе, пароли и народни носии, но ни приближно во таква бројка како на митингот на сликата.
Понатаму, тие што подобро ја познааваат историјата на Македонија знаат дека партизаните во ноември 1944та година не ја ослободуваат Македонија од Бугарите. Напротив, бугарската армија ги води офанзивите што овозможуваат на партизаните да влезат во сите македонски градови еден по еден тој ноември. Имено, после превратот во Бугарија на 9ти септември, нејзината армија се повлекува од Македонија, а не нејзино место доаѓаат германците. Тие ги завземаат сите места во Македонија во обид да обезбедат отстапница на армијската група „Е“ од Грција и да го стабилизираат јужниот дел на источниот фронт кој што при превратите во Романија и Бугарија преку ноќ се префрли од границите на Советскиот Сојуз до Југославија.
Всушност бугарската војска е таа што им нанесува пораз на германците во Страцинско-Кумановската операција која што коинцидентно завршува на 14.11 и им овозможува на партизаните тогаш да влезат во Скопје. Партизаните влегуваат во Скопје (иако постојат и тврдења дека први што влегуваат во Скопје се некои бугарски единици) по договор, додека нивниот влез го осигуруваат „туристите“.
За жал ништо од ова нашиот народ не знае . Нашата политика и историографија намерно го премолчуваат тоа веќе 75 години. Ни збор нема да најдете кај нас за една од поголемите операции на територијата на Македонија во Втората светска војна. Наместо да го обележуваме како ден на соработка помеѓу Македонците и Бугарите ние се лупаме во гради како сме ги избркале од тука. Се тоа со цел да се креира лажен историски наратив и сеќавање во Македонија кон Бугарија.
На крајот можам само да го поставам прашањето, какво ослободување ние славевме вчера? Скопје е ослободено, на партизаните им е ветена македонска држава, а добиваат влез во Југославија и пратени се како топовско месо на Сремскиот фронт каде што гинат неколку пати повеќе од нив од колку во сите операции од 1941 до 1944 година. На тој датум ние добивме 45 години комунизам, диктатура и југословенизација. Иако на тој ден победија македонските партизани заедно со бугарската армија, за жал како прави победници излегоа Југословените и југословенската струја во Македонија.
Нека ни е за многу години празникот 13ти Ноември! Јако им го начукавме на Бугарите.
Автор: С. Маузер