| |

ЗНМ И СЕММ СО ОСУДА ЗА НОВИНАРКАТА КОТОВСКА ОТИ ПОВИКУВАЛА НА МОБИЛИЗАЦИЈА ЗА ПРОСЛАВАТА НА МЕЧКИН КАМЕН

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудуваат недоличното обраќање на новинарката на Македонската радио телевизија Марија Котовска на Фејсбук кое содржи повик за мобилизирање за време на прославата на Илинден на Мечкин Камен.

Таквите повици, кои содржат елементи на навреда и омаловажување кон одредена група, може да се толкуваат како поттик за насилство и дискриминација и да предизвикаат радикално однесување и дела од говор на омраза. Јавната комуникација од овој вид се коси со одредбите на Етичкиот кодекс на МРТВ, во кој што експлицитно е наведено дека при каков било јавен настап вработените во МРТВ „не смеат со своето дејствување негативно да влијаат на јавноста и на работното опкружување, туку се должни во сите фази на своето дејствување да водат сметка за угледот и интегритетот на МРТ“ (член 11). Оттука, на раководството на јавниот радиодифузен сервис ќе му биде укажано дека е потребно да ги преземе соодветните мерки во однос на прекршувањето на Кодексот од страна на новинарката, со цел да се спречат идни такви однесувања што се штетни не само за Телевизијата, туку и за јавноста воопшто.

Со вакви непримерни испади се дискредитира целата новинарска заедница и новинарството воопшто како професија, која треба да ја негува толеранцијата и меѓусебното разбирање.

Во исто време, апелираме до надлежните институции да овозможат достоинствена прослава на Илинден на Мечкин Камен и да преземат мерки преку кои на новинарите и медиумските работници ќе им се овозможи безбедно да известуваат за настанот.



Слични Објави