| |

Зошто Косово не е српско

Facebook статус на Никица Корубин

Занесени од известувањата на нашите медиуми, во однос на спорот помеѓу Косово и Србија или поточно одбивањето на Србија да ја признае независноста; веројатно ретко кој приметува дека наративот на информациите редовно е на српска линија. Речиси, само како превод на македонски јазик, од српските медиуми. Почнувајќи од приоритетот на известувањето: редовно прво слушаме што мисли, прави и планира да прави “српската страна”, а дури потоа кој е ставот на “косовската страна”.

Апсурдот оди до таму, што неретко се употребува и очигледно хегемонистичкото именување “Косово и Метохија”, како јасна одредница дека “Косово е српска земја”; и притоа како намерно да се заборава дека Република Косово е самостојна држава, која има воспоставено дипломатски односи со Северна Македонија. Дека етиката, вистината и објективноста во известувањето во нашите медиуми одамна е заборавена работа, не е ништо ново, туку напротив тенденциозноста во известувањето и за оваа проблематика е само потврда на пропагандната логика на медиумите.
Но, што всушност сака да ни порача, нашата домашна пропаганда и зошто тоа нас би не’ тангирало? Зошто упорното одбивање да се завземе во најмала рака неутрален став кон проблем на наши соседи, а и страв да се кажат очигледните работи, кои се очекуваат од земја членка на НАТО, која патем речено и е гарант за безбедноста на Република Косово. Како и зошто би било логично “јавноста” да има разбирање за српската страна која е таа која упорно одбива да ја прифати реалноста, а да нема разбирање за косовската страна која е фактички жртва во целиот процес на одбивање на првата страна? Зарем на нашата јавност, која на секој начин се обиде да докаже дека ние, како држава, сме жртвата по многу основи, не ни е поблиска “жртвата”, од “џелатот”? Метафорички кажано.

Кога српскиот патријарх Порфириј, како реакција на одбивањето на косовските власти да влезе во Косово, ќе каже: “Манастирот на Пеќката патријаршија е имот на Српската православна црква …”; е израз на помирување или разгорување на страстите? Дали по оваа логика и црковните храмови во Македонија, кои државата и ги отстапи на МПЦ, според разбирањето на српскиот патријарх, до пред некој месец всушност биле “имот на СПЦ”? И оваа реторика е прифатлива за нас, каде очигледно сме “потчинетата” страна и каде по аналогија би се направил директен упад во независноста на државата?

“Србите на Косово и Метохија се речиси петнаесет векови, а четири или пет векови Србите и Албанците заедно живеат на тој простор” вели понатаму српскиот патријарх. И токму во оваа реченица се состои сета суштина на овој спор, но и сета суштина на фамозниот “српски свет”. Значи, патријархот Порфириј го кажува токму она што го мисли и “световната власт”, ама не е дипломатски да го каже: правото на Косово да биде самостојна држава не е проблематизирано од правен аспект, како резултат на распадот на поранешна СФРЈ, туку како историски “факт”, дека Косово не во СФРЈ, туку уште од “пред 15 века” (со додадени неколку века) е “српска земја”. И токму ова е она што би требало да ја загрижи и македонската “јавност”, затоа што во српскиот историски наратив и Македонија, исто како и Косово е дел од “српскиот свет”. Барем во мислите. Засега. Тоа ли е целта на наративот кој упорно медиумски се негува?

И токму и поради ова, неверојатно зачудува како не успеваме да се идентификуваме со Косово, со кои заеднички “во пакет” влегуваме во никогаш исчезнатите хегемонистички наративи на соседот, барем на некои влијателни кругови, како дел од “српскиот свет” кој е најбезбедно да се претстави како “нашата заедничка вера” или “грижа за културното наследство”. Со тоа што монополот е еден и единствен.

Ако, вака “од ракав” се поставуваат историските отсечки, наменски и за потреба на нечиј анахрон наратив, со жал за империјалистички соништа, невешто спакувани во тековна политика за “борба за правата на својот народ”; каде е границата во минатото, како репер дека нешто во политичка смисла е нечие? Да броиме колку века има од средновековната српска држава од 13 век, настаната на рушевините на распадот на Византија, назад во минатото? Или се важи само “од Словените”, затоа што поинаку, ќе треба да одиме векови и векови порано се’ до Хомер за да ги најдеме “славните периоди”.

Каде е границата на апсурдот на флагрантото злоупотребување на историјата и селективните и конструирани факти, за креирање на сопствена реалност и одбивање да се прифати оваа реалност, на негирање на државата Република Косово? И мазохистичкото учество на нашата “јавност” со јасно завземање на страната, која еднакво сака да биде доминантна и со Косово и со нас. Чаре за нас? Има, ама ако конечно го утврдиме сопствениот интерес како независна држава или барем да утврдиме што “јавноста” смета за своја држава.

Слични Објави