Зошто НАТО не смее да биде „цврста“ кон Турција

//

НАТО ќе заземе став во случајот со турската офанзива против Курдите во Северна Сирија, откако ќе побара гаранции од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган  за ограничување на тензиите во регионот, пишува германското издание “Шпигел”.

Според Шпигел, во средата се случила вонредна неформална средба на амбасадорите на земјите-членки, на која е разгледана ситуацијата во Сирија. На средбата од затворен тип во Брисел турскиот амбасадор во НАТО објаснил пред колегите сосема нејасно што се случува со воената интервенција и зошто морала да се изведе акцијата во регионот на Африн.

“Секоја земја има право на самостојна одбрана, но е многу важно таа да биде пропорционална и ограничена”, вели за “Шпигел” вработен од екипата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Самиот Столтенберг се очекува да ја објави истата позиција на прес-конференција во Мадрид.

Уште пред состанокот во Брисел Турција испрати писмено објаснување до сите земји-членки, во кое ја оправдува воената операција во Африн. Според документот – инвазијата во сириската провинција има за цел исклучиво самоодбрана против курдските терористи. Турција тврди дека со интервенцијата за неутрализација на групата ја заштитува Европа од закана.

Досега, НАТО нема формална позиција за турската операција во северна Сирија. Мирниот тон веројатно ќе покаже дека Алијансата не сака јавно да ја критикува Турција. Повикувањето на правото на самоодбрана дури и укажува на претпазливото оправдување на воената операција.

 



Однесувањето на НАТО покажува колку е деликатна Алијансата кон Турција.

Директната критика е контрапродуктивна за Анкара. Затоа двете страни секогаш држат пријателски тон пред публиката, додека дипломатите се обидуваат да го смират Ердоган.

За НАТО, Турција е тежок, но исто така и исклучително важен партнер. Како еден вид лидер на Блискиот Исток, земјата е незаменлива воена сила. НАТО се плаши повеќе од можноста Ердоган да се повлече од дијалогот со Европа и САД, и да се сврти кон Русија.

Воедно со тоа, воените специјалисти ја гледаат сегашната ситуација како исклучително ризична. Досега Турција се спротивстави само на курдската милиција поддржана од САД “Сили за заштита на народот”. Ако сепак Ердоган ја прошири својата мисија, турските тенкови можат да се насочат кон Манбиџ, каде се распоредени неколку стотици американски војници во воена база.

Во ова сценарио, двете сили на НАТО ќе се соочат едни на други на странска територија. Турција веќе се обидува да ги отфрли овие стравувања, уверувајќи го НАТО дека “никој надвор од курдските терористички групи нема да настрада”.

Претходна статија

Удбашки национализам

Следна статија

Во ЕУ се оди без Тито

Најново од Вести