Химна
O, sancta simplicitas/ О, света простотијо
Јан Хус (1372-1415)
Пишува: Ѓорѓи Трендафилов
Си ги замислувам политичките првенци на земјава, длабоко загрижени за менталното здравје и сентиментите на „широките народни маси„ и за штетите кои „бугарската заедница„ си ги предизвикува самата себе. Си ги замислувам.
Стојат така простум, чиниш бдејат будно, 24/7 и „дил ориентет„ се во едно, додека околу нив тивко се пее македонската химна.

Си велам, бездруго сега мислат за отсуството на Никола Карев од химната оти за Гоце Делчев е се кажано. Сигурно си ги спомнуваат и неговите браќа Петар и Ѓорѓи, кои како ослободени умираат во скопскиот затвор. И неговиот внук Михаил го почувствувал гостопримството на истиот.
Штом се спомне Питу Гули, нашиве политички првенци на континуитетот, нема како си велам, да не си спомнат и за неговите синови. Ташко Гули загинат како бугарски војник на Брегалница во 1913, или на Никола Гулев, починат во затвор во 1924 после жестока тортура. Конечно, на третиот син на Питу, на Стерјо Гули, кој се самоубива во 1944 не можејки да истрпи уште едно ослободување.
Можеби нема премногу да помислат на Даме Груев. Сепак, внук му е од Прилеп, не е соодветно, па веднаш преминуваат на Сандански и неговата Народна Федеративна Партија (бугарска секција) која како искрени левичари веројатно не му ја земаат за зло. Можеби сосема на крајот на повозрасните меѓу нив им недостасува Димитар Влахов, но него и онака отсекогаш го користеле некако наменски, отколку искрено.
Си ги замислувам сите душегрижници кои гордо и исправено стојат на химната, независно дали се во Будим, струшкиот кантри клуб, по разни управни и надзорни одбори, трговци и дилери,иноватори и муватори и си велам – Зарем овие ни го украдоа патриотизмот?
Затоа,помислете понекогаш, не на стотици, туку на илјада кои не се спомнати, кои се бришени,поправани и допишувани, помислете и на нив и нивните потомци. Ако не повеќе и не секогаш, но, понекогаш помислете си за оние за кои пееме и не пееме во химната, е ако и тогаш си уверен, фрли го врзопчето гранки на кладата!

