Телефонски разговор Радев-Фиала: Чешката република со поддршка за влезот на Бугарија во Шенген зоната до крајот на годината
Бугарскиот претседател Румен Радев разговарал телефонски со премиерот на Чешката Република Петар Фиала, кој претседава со Советот на Европската унија (ЕУ), соопштуваат од прес-службата на шефот на државата, пренесува БТА.
Во разговорот Петар Фиала ја потврдил поддршката за Бугарија и Романија за прием во Шенген без натамошно одлагање. Чешкото претседателство со Советот на ЕУ продолжува до крајот на годината, а еден од главните приоритети е проширувањето на Шенген зоната.
Бугарскиот претседател го поздравил конструктивниот пристап на чешкото претседателство на оваа тема и изразил очекување за позитивен резултат за пристапување на Бугарија во Шенген зоната до крајот на годината.
„Наодите од инспекциите кои неодамна се одржаа на покана на Бугарија и Романија беа позитивни и ја потврдија нашата подготвеност за пристапување“, рече Румен Радев.
Петар Фиала ги потврдил успешните резултати на Бугарија од двете посети и ја објави целосната поддршка на чешкото претседателство за истовремен прием на Бугарија, Романија и Хрватска во Шенген зоната до крајот на годината.

