Зошто не се грижиме за нашето културно наследство?
Facebook статус на Никица Корубин
Септември 2007 година. Скупи, археолошки локалитет во Скопје. Проект поддржан од Британската амбасада во Скопје за воведување на нови технологии во археологијата, археолошките истражувања, а преку тоа и заштитата на културното наследство. Присутни, ние, раководителите на проектот, наши колеги археолози и професори и британски експерти од разни области од културното наследство. Шетајќи по археолошкиот локалитет Скупи, кој се простира на површина од околу 40 хектари, многу повеќе од заградениот дел, а опфаќа делови од Злокуќани, Бардовци, улицата Скупи, кејот на Вардар, Зајчев рид итн; еден од нив забележува приватен објект, куќа, изградена речиси над видлив и ископан археолошки локалитет.
Изненаден и запрепастен, прашува: ,”Па, зарем овој човек, не го чувствува овој локалитет, ова наследство за свое, па ја изградил куќата врз него, притоа уништувајки го самиот локалитет и самото културно наследство”? Зошто нашето културно наследство, не го чувствуваме за свое?
Дали ова суштинско прашање е сржта на проблемот за бруталната негрижа кон културното наследство? Дали тоа има и поголема и поширока димензија и може да се проектира и надвор од сферата на културното наследство (природно наследство, јавен простор, државата)? Дали тоа ја оправдува или ја објаснува институционалната негрижа, или пак токму институционалната негрижа е генератор на проблемот? И зошто таа негрижа воопшто првично настанала? Дали проблемот е на индивидуално ниво, на институционално ниво или на ниво на узурпација и злоупотреба, повторно и на индивидуално и на институционално ниво?
Одговорот веројатно е комбинација на повеќе фактори и услови, но сепак, останува лајтмотивот, колку ние (како индивидуалци, општество и држава) нашето културно наследство, го чувствуваме за “наше”?
Системот за заштита на културното наследство е сложен механизам и не подлежи на импровизации и калкулации, каков што е случајот кај нас во изминатите триесет години, самостојност. Од тоа како државата ќе го постави тој систем, се гледа како државата се однесува кон заштитата на културното наследство, односно колкав приоритет е тоа за неа. Ние имаме среќа, односно ,”несреќа” за институции кои не сакаат или не можат професионално и автономно да се занимаваат со заштита на културно наследство, исклучително богато и повеќеслојно наследство. Тоа произлегува од нашата географска поставеност како земја, која цивилизациски и култоролошки припаѓа на поширокиот културен комплекс на Источниот Медитеран, што во научна смисла, означува екслузивитет на културното наследство од различни периоди и епохи. Толку значајно, што со односот кон него, покажуваме недораснатост и неспособност, ниту да го заштитиме, а уште помалку да го проучуваме.
Денес, системот на заштита на културното наследство се потпира на нејасни и тенденциозно измешани надлежности. Таа тенденциозност е во служба на партијата, односно партократијата и произлегува од желбата и вољата на партискиот естаблишмент да се занимава и да го (зло)употреби културното наследство во својата замислена (и спроведена) употреба на моќта. Со други зборови, кога државата служи како инструмент за спроведување на партиски, лични замисли. А, служи за тоа за целиот период на самостојноста.
Системот на заштита, законски се потпира на Законот за заштита на културното наследство, како главен системски закон, кој ја обезбедува заштитата, преку дефинирање на надлежности на институциите вклучени во тој систем. И тука настанува главниот проблем. Прво, поради контрадикторноста од која е сочинет, а второ од неговото свесно неспроведување. Лоша основа со уште полоша реализација. Три типа на институции се грижат за заштитата: музеи, заводи (конзерваторски центри) и управа. Музеите и заводите, кои според законот треба да бидат одделени, а во пракса не се, се под закрила на министерството за култура. Управата за заштита на културното наследство, која според надлежностите е самостојна, а не може да биде, буџетски е зависна од министерството за култура, коe нема никакви ингеренции над нејзината надлежност. Апсурд? Не, само свесно “држење под контрола” од страна на вистинската власт во државата, партијата. Владата го именува и директорот на оваа “полу-автономна” а всушност целосно одметната или узурпирана институција. А, бидејќи владата во наши услови е друг збор за “партиска коалиција” всушност директорот го бира партијата.
Проблем е што во цела ситуација, имаме нефункционален систем за заштита на културното наследство, за сметка на негово подобро “партиски подобно” менаџирање. Ама, токму тука е главниот проблем. Бидејќи, заштитата на културното наследство, е строго професионална и стручна работа, која не дозволува импровизации; и затоа е еклатантен пример за погубноста на (анти)системот на водење на државата по партиска матрица.
Со вака поставен недоработен и порозен систем, надополнет со флагрантно неразбирање што е тоа културно наследство, а особено што значи неговата заштита, надвор од економско-профитерската мантра за негово “туристичко” експлоатирање, доаѓаме до ситуација културното наследство, партискиот естаблишмент да го гледа или како “непотребен трошок” каде парите “не се враќаат” па да пробаме да ги вратиме преку туризмот; или како “инвестиција” за реализирање на мегаломански, идеолошко индоктринирани идеи на (зло)употреба на историјата на површни, дилетантски и лаички основи.
Во таква ситуација, празниот простор на целосно или делумно отсуство на управување и заштита на културното наследство, се пополнува со лични, индивидуални “проекти” без никаква генерална стратегија, на вработетните стручни лица во институциите надлежни за негова заштита (музеите/заводите) или на целосното самоволие на имателите на културното наследство (религиозни заедници, индивидуални граѓани, самата држава), врз постапувањето со самото културно наследство. Исходот е напуштени и запуштени археолошки локалитети, незаштитени сакрални објекти, запоставена селска и градска архитектура, државен упад врз заштитени подрачја, никаква грижа за јазикот и обичаите, бизнис зделки и отстапувања на наш зеднички имот, и сведување на културното наследство на обична стока за “тргување”. А, устите полни со “грижа за идентитетот”. Бидејќи идентитетот е токму нашето културно наследство, материјално, нематеријално, јазично, секакво; или некој поинаку го замислуваше идентитетот?
Кога државата се однесува дилетатнски и неодговорно кон културното наследство, не само што дава лош пример за граѓаните, туку остава и празен “небранет” простор за самоволие на приватно и лично ниво. Кога таа покажува дека не знае, не сака или не и е грижа, правилно и ефикасно да управува со културното наследство, кога отсуствува било каква едукација за тоа што е културното наследство, и што тоа значи за опстанокот и развојот на едно цивилизирано општество; како да очекуваме, нашиот сограѓанин да не ја изгради својата куќа врз археолошки локалитет?
Па, самата држава му покажала дека тоа е сосем во ред, кога таму, врз археолошкиот локалитет го изградила домот за стари лица, кога таму сака да гради мост, кога таму дозволила изградба на стотици фирми; на приватни домови; токму таа државата му покажала дека тоа културно наследство за неа не вреди ништо, дека “бизнисот мора да тече” токму врз нашето културно наследство. Таа самата со своето поведение, му покажала, како да го изигра системот, во име на истиот систем. А, таа всушност му покажала дека незнаењето е заеднички именител и на граѓаните и на државата. Запрепастувачкото незнаење, што тоа имаме, што треба да правиме и како да постапуваме.
Единствената дилема останува, што подразбираме кога ќе кажеме “држава”? Дали за нас државата се “институциите” или “власта”? Разликата е суштинска, а од неа се чини зависи целиот третман и на заштитата на културното наследство. Власта без институциите не може, ама институциите без власта мораат. Онаа партиската. Независни и професионални, токму такви каква што ниту една партиска власт не посакува. За да не се прашуваме, зошто не се грижиме за нашето културно наследство.

